Градот исчезнува во маглата. Само неколку облакодери се издигнуваат над енормното аерозагадување.
Фотографија: Томислав Георгиев
21 февруари 2025
2.274
Новинарка / Соња Петрушевска Поповска
Снимател / Наке Батев
Монтажа / Мајда Бошњак Атанасовска
Шестгодишниот владин план за чист воздух не содржи јасни рокови, ниту финансиски пресметки и индикатори за успех, што го прави неизвесен за имплементација.
Граѓанските организации не биле консултирани при изготвувањето на владината програма иако нивните барања за 23 мерки се доставени.
Досегашните обврски на институциите за спречување на загадувањето не се спроведуваат, а клучни закони и стратегии се одложуваат со години.
Барањата за 24-часовен мониторинг на индустриските капацитети и за зголемен број инспектори се игнорираат, додека многу загадувачи работат без дозволи.
Во Програмата недостасуваат и клучни мерки за кои веќе се изготвени законски и практични решенија како, забрана за користење јаглен за загревање на домаќинства.
Нема ниту мерки за поддршка на ранливите домаќинства во транзицијата кон почисти извори на енергија, што може да доведе до уште поголемо загадување.
Во сезона на енормна загаденост кога земјава беше на првите места на листата на најзагадени држави, промовираниот владин План за чист воздух не ги отслика очекувањата на еко-активистите. Без конкретни рокови за спроведување на мерките и без анализа за ефектите во намалувањето на емисиите на загадување, Планот не ги исполни надежите дека решенија и мерки се можни веднаш. За еко-активистите, програмата наликува на список со обврски на институциите, а недостасуваат клучните мерки за расчистување со аерозагадувањето кои беа игнорирани и досега. Актуелната власт има избор – да направи радикални промени или чистиот воздух да остане недостижен и во следните години.
Планската програма за чист воздух е за шест години, од 2024 до 2030 година, и во неа се наброени вкупно 20 проекти. Програмата почнува со идејата за изградба на ко- генеративни гасни централи – проект за кој ќе бидат потребни повеќе од 8 години. Следна цел е намалувањето на емисиите на честички од домаќинствата со субвенции за високоефикасни котли и за системи за загревање без емисија на цврсти честички и контроли на домаќинства кои ќе продолжат да користат цврсти горива. Во програмата „се оживуваат“ проектите за замена на начинот на загревање на институциите, за формирање комунална полиција, се ветува набавка на возила, автобуси и на такси возила без емисија на цврсти честички, а дозволените системи за греење на објектите се предлага да се најдат во урбанистички планови. Се повторуваат и ветувањата за засилени инспекциски тимови, за поголема контрола на палењето на стрништата, за европски технички преглед за возилата и проширување на мрежата за следење на квалитетот на воздухот.
Што (не)пишува во планот за чист воздух?
Претставниците на граѓанските организации кои се залагаат за заштита на животната средина не биле консултирани при изготвувањето на програмата. Нивната листа со барања за мерки за намалување на загадувањето е доставена до Владата, Собранието и до Скопје, но нема информација дали некој ја прочитал и анализирал. Во неа има 14 итни предлози со рок за исполнување до 1 јули 2025 и уште девет со среднорочен рок, да се завршат до 1 јануари 2017 година.
Листата мерки ги артикулира сите барања кои беа истакнати на двата протеста против загадувањето, а кои се одржаа кон крајот на минатата година. Не станува збор за нови барања – тоа се мерки кои со години се повторуваат, но ниту една власт-централна или локална не се нафати да ги спроведе.
Фотографија: Томислав Георгиев
„Барањата веќе со години се повторуваат, а се составени од експерти во различни сфери и претставуваат интегриран пристап заснован на докази кој со сигурност во краток временски период ќе доведе до драстично намалување на загадувањето во Скопје“ пишува на документот на кој се потпишани неколку организации како Шанса за Центар, Независните од Карпош, Зелените од Гази Баба, Зелен Хуман Град, Заедно за промена“ и О2 Иницијатива.
Во владината програма за чист воздух 2024-2030 не се содржани поголем број од овие мерки. Ако се направи споредба на планот на Владата и на протестните барања, целосно совпаѓање има само во три точки:
Заложбите за намалување на штетните емисии на гасови преку замена на нееколошките начини на загревање на јавните институции.
Преку оваа мерка „Државата не загадува/Водиме со пример“ се планира да бидат опфатени 600 објекти.
Проектот за набавка на нови автобуси.
„Јавна флота без директни емисии“, со кој државата ќе започне набавка на возила без емисија на цврсти честички и ќе го помага јавниот превоз со набавка на електрични или автобуси на гас.
Зголемување на капацитетите за мерење, односно проширување и редовно одржување на мрежата за следење на квалитетот на воздухот.
Сите барања на протестните здруженија, наспроти Планската програма за чист воздух
Протестни барања на здуженијата – итни
Прогнозирање на температурни инверзии
Транспарентна работа на индустријата
Целосна забрана за увоз на отпад во Македонија освен отпадно железо и челик.
Намалување на сообраќајната инфраструктура за автомобили
Забрана за увоз на стари возила
Велосипедска инфраструктура
Итна набавка на нови автобуси за ЈСП Скопје
Измена на Законот и Правилникот за урбанистичко планирање со цел хуманизација на просторот
Измена на Законот за градење и Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање со цел ефективна заштита на зеленилото
Измена на Законот за урбано зеленило со цел зачувување на зеленилото
Заштита на зеленилото преку комплетирање и континуирано ажурирање на Зелениот катастар
Заштита на зеленилото и шумата на Водно со строги критериуми внесени и во Деталниот урбанистички план за Водно Ј07
Измена на Законот за енергетска ефикасност
Измена на Правилникот за обновливи извори на енергија заради демонополизација на ресурсот
Протестни барања на здруженијата – Среднорочни мерки
Густа мрежа на мерни станици
Законски измени за управување со отпадот во склад со концептот нула отпад
Изградба на сеопфатна велосипедска мрежа
Поставување на фотоволтаични системи за генерирање на електрична енергија на покривите на јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините и промена на нееколошкиот начин на загревање на сите јавни објекти кои користат мазут, екстра лесно гориво, дрва, јаглен и.т.н.
Субвенции за фотоволтаични (ФВ) системи за индивидуални домаќинства
Субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување
Систем за самоизнајмување велосипеди
Конечно решение на затворената депонија Вардариште
Холистички пристап по барањата на ЕУ
Планска програма за чист воздух
Когенеративни гасни централи
Квалитетно огревно дрво
Греење без емисии-субвенции за топлински пумпи
Високоефикасни котли-субвенции за замена на постојните
Контрола на емисија од домаќинствата
Комунална полиција
Државата не загадува / Водиме со пример
Планирање на идните емисии
Институт за квалитет на амбиентален воздух
Закон за индустриски емисии
Инспекциски надзор во ЖС
Стоп за палење на ниви и стрништа
Регионални центри за управување со отпад
Стоп за шумски пожари
40 милиони нови садници
Јавна флота без директни емисии
Такси без директни емисии
Европски технички преглед на возилата
Контрола и управување со емисиите
Зголемување на капацитетите за мерење
Сепак, треба да се напомене дека има разлики во роковите за имплементација на мерките – додека Владата планира процесот на замена на начинот на загревање да трае до 2030 година, здруженијата се на став дека оваа активност може да заврши многу порано – до 2027 година и дека бројката на објекти е поголема односно дека има 700 институции кај кои треба да се интервенира.
Слично е и со останатите мерки – Владата дури и нема рок за набавка на автобусите, а здруженијата сметаат дека се работи за итна потреба и затоа треба да се реализира до јули 2025.
Исто и за мерните станици – ако во владиниот план пишува само декларативно „проширување и редовно одржување на мрежата за следење на квалитетот на воздухот“ а рокот е 2026, здруженијата конкретно бараат густа мрежа на мерни станици со по една на максимум 1.500 м², со приоритет на индустриските капацитети, до 1 јануари 2027 година.
Ако послободно ги интерпертираме мерките сличности има и во предлозите да се субвенционцираат еколошки системи за загревање. За да се намали загадувањето од домаќинствата, Владата предлага субвеници за инвертери, високоефикасни котли и системи за загревање, а еко- активистите се за субвенции за фотоволтаични системи за индивидуалните домаќинства, особено во населените места каде што се користат дрва или биомаса за греење.
Грижата за зеленилото е посебна глава во двете програми, но пристапот е различен. Владата планира засадување на 40 милиони садниции систем за брза реакција при пожари. Здруженијата, пак, имаат сет мерки: проектната документација за зеленилото да стане задолжителен дел од проектите за градење, обврска за 30-70% зеленило на секоја градежна парцела, комплетирање на Зелениот катастар и заштита на зеленилото и шумата на Водно со строги критериуми.
Предлозите им се разликуваат и за другите точки: Активистите се за целосна забрана за увоз на отпад во Македонија, освен отпадно железо и челик и да се намали сообраќајната инфраструктура за автомобили, да се забрани увозот на стари возила и да се проектира и да се изгради велосипедска инфраструктура. Овие предлози не се содржани во владиниот План за чист воздух.
Новина во владиниот План е формирање на нов Институт за квалитет на амбинетален воздух – и ова е единствената мерка која е предвидено да се реализира оваа година. Целта е да изнаоѓа современи и апликативни технолошки решенија за реалните порблеми во урбаните средини.
„Главниот проблем во тој план што ние го видовме е што нема конкретно што ќе се направи секоја година, нема финансиска сума, значи нема колку пари ќе се одделат за секој од тие проекти секоја година, ги пишува институциите, ама нема кој е одговорен како сектор, да се знае раководно лице, кој е носител на проектот, кај кого да се бара отчетност. Тие се главните негативни забелешки би рекла, бидејки има таму некои рокови – осум плус години, не знам, ќе започне во 2026, ама не се знае кога ќе заврши. Исто така, нема квантификација во смисла колку топлински пумпи се предвидени, колку инвертери ќе се доделуваат годишно, колку такси возила ќе ја намалат емисијата, колку нови автобуси ќе се набават. Тоа недостасува, а тоа е клучно за да знаеме за колку време што можеме да очекуваме ги нема тие индикатори“, вели Татјана Чакулев од Иницијативата О2.
Од „Зелен хуман град“ додаваат дека освен индикатори за следење на активностите и за отчетност, за успешно справување со загадувањето планот треба да содржи и други суштински мерки. Тие бараат 24 – часовни контроли на индустриските капацитети со А и Б интегирирани дозволи за да може да се следи колку загадуваат.
„Ако сакаме да направиме сериозни чекори во борбата против загадувањето, треба да се направат драстични промени во однос на контролирањето на индустријата односно треба да се вработат доволен број инспектори кои што ќе имаат должност да ја покриваат секоја општина во целата држава. Треба да има ригорозни контроли на сите индустриски капацитети со А и Б интегрирана дозвола, има многу капацитети кои немаат добиено дозвола, а работат на диво. Треба да постои 24 – часовен мониторинг во живо јавно достапен за да можат сите да следат колку всушност индустриските капацитети загадуваат“, вели Марјан Калевски од ЗХГ.
Мерките што може да донесат вистински промени на долг рок се токму оние што властите одбиваат да ги прифатат или да ги спроведат како приоритетни, вели Пехчевски од Балканвоч. Тој аргументира зошто следниве закони не би требало да бидат изоставени од планот за чист воздух.
„Во нашата земја, 30 и повеќе проценти од вкупните емисии на ПМ честички, и 90 проценти од вкупните емисии на сулфур диоксид доаѓаат од термоцентралите Битола и Осломеј. Меѓутоа, и покрај тоа што уште од 2017 година требаше тие да се целосно усогласени со европските стандарди за индустриски емисии, тие се се уште едни од најголемите загадувачи. Исто така, уште одамна требаше да се регулира увозот на половни возила за да не се дозволи увоз на високо загадувачки автомобили што се веќе забранети во ЕУ – земјите. Урбаните средини, а особено просторот околу сообраќајниците, мора систематски да се зазеленува. Паралелно, потребни се брзи и ефикасни инвестиции во висококвалитетен јавен транспорт што ќе ги оддалечи граѓаните од користење автомобили, како и сериозно проширување и подобрување на инфраструктурата за немоторизиран транспорт како велосипеди и тротинети“, вели тој.
Од друга страна, некои од мерките дури може да имаат и спротивен ефект. На пример, ако се казнуваат домаќинствата што се греат на евтини материјали и отпад зашто не можат да си дозволат ништо друго, нивната социо-економска состојба уште повеќе ќе се влоши и тие ќе користат уште полоши материјали. Во овој контекст, во планот воопшто не се спомнуваат мерки за подобрување на енергетската ефикасност и начините на загревање на ранливи категории домаќинства кои би имале многу поголем ефект од било кое казнување..
Зошто „не“ за ко-генеративните гасни централи?
Ко-генеративните гасни централи се прв главен проект во програмата. Тие беа промовирани како најважни во справувањето со загадувањето. Како одговорни институции за нивната изградба се посочени Владата и Министерството за енергетика, а резултатот што треба да го постигнат е подобрување на квалитетот на воздухот во поголемите урбани центри.
Проектот е преземен од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во која партијата ветува изградба на две вакви централи, а идејата ја застапуваше самиот премиер. Според, Мицкоски со изградбата на овие централи ќе се намали загадувањето предизвикано од затоплувањето на домовите со дрва, дрвен отпад, гуми.
„Единствен начин за да делуваме веднаш во овие средини е ваквото греење да биде заменето со друг енергенс којшто е прифатлив за нив, а тоа е централно затоплување. Како ќе дојдеме до најевтино централно затоплување – преку градба на ко-генеративни гасни постројки коишто во текот на зимата кога ни треба ќе произведуваат и електрична енергија и истовремено ќе произведуваат топла вода, којашто преку топловоди ќе биде дистрибуирана до тие средини коишто денеска користат сосема поинаков енергенс, којшто за жал емитува ПМ 2,5 и ПМ 10 честички во воздухот и тоа е 60 проценти од факторот којшто влијае врз загадувањето“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Еко-активистите се со спротивно гледиште – за нив гасот не е решение за загревањето на домаќинствата, а нивните аргументи се: изградбата на гасните централи е многу долг процес, неисплатлив, не е целосно безбеден и наместо да се форсира фосилен гас, тие се залагаат за поголемо користење на обновливите извори на енергија.
„Тоа е уште еден чекор кон должничко ропство на Македонија, бидејќи гасот е многу скапа инвестиција, како прво за целосно спроведување на цела гасификација на Македонија ќе бидат потребни повеќе од милијарда евра да се потрошат, а тоа е веќе застарена технологија, западните држави го исфрлаат гасот од употреба полека, тоа создава енергетска зависност“, вели Марјан Калевски од ЗХГ.
Како најдобар чекор што може да се направи во однос на енергијата што би ја користеле граѓаните и индустријата, според ЗХГ е фотоволтаичен систем – поставување фотоволтаични системи исклучиво на покривите на сите јавни институции кои што се надлежност на државата и промена на сите тие начини на загревање од неееколошки горива како што се мазут, нафта а има и институции што користат јаглен, како што е затворот Идризово, тони и тони јаглен на годишно ниво.
Втор чекор, според Калевски и ЗХГ, е да се направат сериозни промени во однос на управувањето со отпадот, односно да се направат компостари од кои ќе се добива органско ѓубриво, а од тоа и енергија.
„Отпадот во Македонија од 60 до 80% е органски отпад што значи дека во целата земја, во секое маало треба да се постави компостара, за секое домаќинство да има пристап да го одлага својот органски отпад. Од тие компостари може да се добива природно ѓубриво, а може да се направи компостарите и да произведуваат гас кој би се искористил за производство на електрична енергија. И заедно со фотоелектричните централи, гасот што би се добивал од компостарите, но исто така и од пречистелните станици да се систем за производство на гас, би се добила огромна зелена енергија која значително би помогнала во борбата со енергетската сиромаштија и да се намали згадувањето“, објаснува Калевски.
Чакулев од О2 посочува дека главното разидување со владината програма се когенеративните гасни централи кои се предлагаат како решавање на проблемот на аерозагадување со ПМ честички кои потекнуваат од загревање на домаќинствата.
„Ние не се согласуваме со тоа од повеќе причини. Прво, за самиот проект треба многу долго време, и второ, што гасот воопшто не го гледаме како решение за загревање на домаќинствата кои веќе се греат на загадувачки енергенс, да не зборуваме дека од следната година треба да започнат еколошки такси на гасот и цената ќе флуктура и нема да се знае како ќе биде. Така што од повеќе причини сметаме дека тоа за нас е неприфатливо“, посочува Чакулев.
„Ако се земе предвид дека не би смееле да користиме фосилни горива како гасот по 2050 година, пуштање во употреба на нови гасни централи за 8-10 години од сега ќе донесе само стотици милиони евра заглавени инвестиции што уште од сега знаеме како да ги насочиме кон вистински спроведливи мерки. Дополнително, не смееме да заборавиме дека загадувањето на воздухот не е само ПМ честички, туку тука влегуваат и азотни оксиди што се значаен нус-продукт од горењето на гас“, додава Пехчевски.
Друга точка од планот со која децидно не се согласуваат од Граѓанската иницијатива О2 е повторното пролонгирање на усвојувањето на законот за контрола на индустриските емисии кој се подготвува цели осум години. За нив е несфатливо зошто примената на законот сега се одложува за уште две години, наместо да стапи на сила веднаш.
Доцниме со усвојувањето стратегии
Со години нема никакво поместување со загадувањето, а сериозно се доцни и со усвојување на некои законски измени и стратегии. Законот за индустриски емисии е само еден од нив. Сè уште не е донесен ниту Законот за квалитет на амбиентален воздух кој требаше да се промени уште пред неколку години за да се вклучи ЕУ директивата за регулирање на концентрациите на тешки метали и други токсични супстанци во воздухот. Повеќе години доцни и носењето на Нов Национален план за заштита на амбиентален воздух и нова Национална програма за намалување на емисии. Ова се суштински документи што се изработуваат врз основа на детална анализа на достапни податоци од мерења и утврдени добри практики за намалување на загадувањето.
Фотографија: Томислав Георгиев
Бидејќи досегашниот пристап не дава резултати со години, од О2 сметаат дека треба да се промени односот кон животната средина – да се преземат крупни чкеори кои ќе стапат на сила без одложување и за брзо време ќе донесат големи резултати.
„Ние сакаме за брзо време да видиме големи резултати, што е можно, не дека не е можно, меѓутоа треба да се одделат средства и мерки во секој скетор подеднакво, да се водат и да бидат порадикални – ако е за возилата тие што се прва еколошка категорија кога е грејна сезона, само тие да можат да возат во делови во кои имаме јавен транспорт за Скопје, зборувам конкретно, бидејќи имаме јавен транспорт. Се надеваме дека ќе биде подобрен каде што имаме градски линии, таму да биде границата на таа зона каде што ќе може само еколошки возила од прва ктегорија да возат. Според пописот од 2021 имаме околу 40.000 домаќинства декларирани дека се греат на дрва во град Скопје. Ако земеме дека се 40.000 и ако сакаме навистина да го намалиме бројот за брзо време, ќе кажеме во 2025, ќе доделиме 10.000 инвертери, наредната 10.000 и секоја година и за четири години.. Е сега нема сите да го сменат начинот на греење и ние кажуваме за тие што нема да го сменат начинот на греење да поставиме филтри и да се реши веќе тој проблем каде што извор се домаќинствата“, вели Чакулев.
Во изминатите години се усвоија многу програми кои требаше да помогнат во расчистувањето на воздухот, но загадувањето не се намали и секоја година е причина за смртност на илјадници наши граѓани. Имаше и многу поамбициозни проекти, но и од нив малку се реализираше. За воздухот да се исчисти, заштитата на животната средина мора да се постави како приоритет во сите сектори и да се вложат сериозни напори и финансии. Без политичка волја и оваа програма ќе остане само список на желби како и многу претходни многу поамбициозно напишани програми.
И конечно, иако програмите можеби не се одлучувачки за резултатите, тие сепак се некаква референца за посветеноста на владата за чист воздух. Засега за расчистување единствена надеж е ветрот, зашто ниту три месеци по презентацијата на програмата не е преземена никаква активност за некоја од мерка наброените во планот да заживее.
За да овозможиме добро корисничко искуство на страницата, користиме колачиња. Некои колачиња овозможуваат основно функционирање на веб-страницата, а некои ни даваат преглед на однесувањето на корсниците.
Функционални
Always active
Создавањето и пристапувањето на овие колачиња е потребно за да ја овозможат основната функционалност на страницата. Овие ги овозможуваат основните функционалности и ја одржуваат безбедноста на страната, без да прибираат податоци за вас.
Preferences
The technical storage or access is necessary for the legitimate purpose of storing preferences that are not requested by the subscriber or user.
Статистички
Создавањето и пристапувањето на овие колачиња е потребно за прибирање на статистички податоци и податоци за однесувањето на корисниците на веб-страната.The technical storage or access that is used exclusively for anonymous statistical purposes. Without a subpoena, voluntary compliance on the part of your Internet Service Provider, or additional records from a third party, information stored or retrieved for this purpose alone cannot usually be used to identify you.
Маркетинг
Создавањето и пристапувањето на овие колачиња е потребно за креирање кориснички профили за испраќање реклами или за следење на корисникот на веб-локацијата или на неколку веб-локации за маркетинг цели.