fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
investicijata na nazif destani vo euromaks e vrzana so koncesiite za ilovica featured

Инвестицијата на Назиф Дестани во „Еуромакс“ е врзана со концесиите за Иловица

Спојувањето на концесиите за рудникот Иловица е еден од условите кои морало брзо да бидат исполнети за холандската фирма „НД Груп“, во сопственост на тетовецот Назиф Дестани да може да стекне уште поголем колач од сопственоста на канадската компанија „Еуромакс Рисорсес“ (Еуромакс), која подолг период го турка проектот за отварање на рудник на бакар и злато во струмичко.

nazif destani od ekolog ja predomisli vladata za rudnikot ilovica 3

Назиф Дестани е основач на „Еколог“ и на компанијата „НД Груп“, која на почетокот на годинава стана мнозински акционер во „Еуромакс“.

„Дома“ веќе пишуваше дека Дестани, кој на јавноста и познат како основач на „Еколог“ преку неговата фирма „НД Груп“ во јануари годинава вложил три милиони долари во „Еуромакс“. Всушност, станува збор за еден вид директна позајмица, без брокери и други посредници (non-brokered private placement) која Дестани преку неговата фирма ја дал на „Еуромакс“, a за возврат обезбедил дел од сопственоста на канадската компанија односно право да oткупи акции од канадската компанија по гарантирани цени. Услов за тоа било Владата најдоцна за две години да донесе одлука да ги спои концесиите за Иловица, но и да се исполнат уште неколку услови во овој рок кои се во домен на надлежните институции.

На ред зелено светло за студија за влијанието врз животната средина и за дозвола за експлоатација

За оваа договорена трансакција „Еуромакс“ на 24 јануари годинава издала 101.250.000 таканаречени единици (удели) коишто „НД Груп“ ги купила по цена од 0,04 долари по единица. Секоја од овие единици се состои од една обична акција, половина „А налог“ и половина „Б налог“.

investicijata na nazif destani vo euromaks e vrzana so koncesiite za ilovica 2

Во документот објавен на кандаската берза јасно пишува кои се условите за Дестани да може да откупи акции по гарантирани цени

„Секој „А налог“ може да се релизира како обична акција по цена од 0,075 канадски долари за период од две години од датумот на издавање, под услов да има успешно спојување на концесиите за експлоатација Иловица 6 и Иловица 11 и да биде одобрена проценката (студијата) за влијанието врз животната средина. Секој Б налог  може да се реализира како една обична акција по цена од 0,125 канадски долари за период од две години од датумот на издавање, под услов да се добие дозвола за експлоатација во рамките на споените конеции за проектот Иловица-Штука. Налозите, доколку стекнувачот ги искористи во целост, ќе претставуваат дополнителни бруто приходи за друштвото од околу 10.125.000 канадски долари“, пишува во документот на „Еуромакс“ објавен преку берзата во Канада.

Што се налози за акции?

Налогот за акции (stock warrant) претставува право да се купат акции на компанија по одредена цена и во определен период. Налог за акции се издава директно од компанија на инвеститорот.

Инвеститорот вообичаено купува налози кога има предвидувања дека вредноста на акцијата ќе се искачи над поставената цена во времето кога налогот може да се искористи. Ако тоа се случи доаѓа до купување акции – познато како релизиација на налогот под пазарна цена при што инвеститорот ја инкасира дополнителната вредност како добивка.

На „Еуромакс“ му тежат милионски конвертабилни заеми

Спојувањето на двете концесии на „Еуромакс“, „Иловица 6“ и „Иловица 11“ е важен чекор за натамошен развој на проектот „Иловица – Штука“, се вели во  неревидираниот финансиски извештај на „Еуромакс“, објавен за првото тримесечје од 2023 година на берзата во Канада.

Во документот се опишува правната борба којашто компанијата ја водеше пред Управниот и Вишиот Управен суд којашто на крајот резултираше со враќање на едната одземена концесија, а потоа финишираше и со одлука на Владата за спојување на концесиите, иако таква обврска не стоеше во одлуката на Управниот суд.

Во документот, издаден пред да се одобри спојувањето на концесиите, „Еуромакс“ ја навестил можноста да покрене арбитражна постапка ако не биде одлучено во негова корист.

Билансот на компанијата покажува дека заклучно со 31 март се издадени над 490 милиони единици (удели), со вкупна вредност од 82 милиони 132 илјади канадски долари. Од нив, над 101 милиони единици од јануари се во рацете на компанијата на Дестани. Половината налози зависеа од спојувањето на концесиите, другата половина зависат од добивањето дозвола за експлоатација на база на спојката на концесиите.

investicijata na nazif destani vo euromaks e vrzana so koncesiite za ilovica 4

Извештајот покажува дека компанијата „Еуромакс“ има милионски заеми што и тежат на глава.

Едниот е конвертабилниот заем од ЕБОР (Европската банка за обнова и развој) земен уште во 2016 година на износ од 6,7 милиони канадски долари и досега неколкупати изменет. За плаќање достасува на 28 февруари 2024 година. По последниот наведен рок или ќе треба да се вратат парите со предвидените камати и такси за одложувањата или да се претвори во удели. Вкупните обврски од конвертабилниот заем од ЕБРД и од уште еден, конвертабилниот заем од „ЦЦ Иловица“ (членка на ЦЦЦ Груп) се проценети на 25,5 милиони канадски долари. Вториов конвертабилен заем бил земен на износ од 5,2 милиони канадски долари и датира од март 2016 година, исто така неколкупати изменет. И тој достасува на 28 февруари 2024.

Конвартибилните заеми на ЕБРД и на другата фирма им носат годишни камати.

Уште една ставка од 15,2 милиони се предвремени плаќања за набавка на злато од „Ројал Голд“.

„Овие две ставки се класификувани како тековни обврски, бидејќи може да биде потребно исплаќање на истите по договор во рок од следните дванаесет месеци. И двата конвертибилни заеми можат да бидат конвертирани во акции на друштвото, по избор на EBRD и CCI пред или при нивно доспевање. На датумот на овие консолидирани привремени финансиски извештаи, нема примено известување од „Ројал Голд“ за реисплата или укинување“, се вели во извештајот на „Еуромакс“.

Во документот е наведено дека на 31 март 2023 година, Групацијата имала нето обврски од 3 милиони долари (на 31 декември 2022 година: 8,9 милиони долари) и дефицит на нето работен капитал од 41,4 милиони долари (на 31 декември 2022 година: 46,5 милиони долари).

Фијаското во Владата отвора голем сомнеж

„Дома“ веќе објави дека владината одлука за спојување на концесиите за рудникот „Иловица – Штука“ во Струмичката котлина го „стресе“ кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски. На површина излезе некоординираноста на министрите, но, се отвори и прашањето за почитувањето на деловникот за работа на Владата и можната неодговорност на функционерите.

Седницата од 27 јуни за малку ќе поминеше незабележано доколку не беше објавата во „Службениот весник“. Таму се виде дека е донесена одлука за спојување на двете концесии на „Еуромакс Ресоурцес“, точка дополнително ставена на дневниот ред на предлог на министерот за економија Бектеши, којашто предизвика реакции од негови колеги дека одлучувале без да ги имаат сите информации. Ова невообичаено тврдење го отвори сомнежот дали воопшто е почитуван деловникот за работа на Владата, каде точно се наведни филтрите кои треба да се поминат пред министрите да кренат рака.

investicijata na nazif destani vo euromaks e vrzana so koncesiite za ilovica 3Министерот за економија Крешник Бектеши по реакциите во јавноста неодамна на брифинг објаснуваше дека Министерството за економија дало препорака точката итно да биде внесена на дневен ред на Владата бидејќи концесиите секако ќе биле споени и дека сакале заради можна арбитража и други слични судски предмети кои се во тек да избегнат одолговлекување на постапката во пресрет на летните одмори. Вусшност, тој само ги повтори слободните толкувања на судските пресуди, за кои веќе пишувавме.

Сепак, случајот Иловица доживеа целосен пресврт по влезот на „НД Груп“ на Назиф Дестани во сопственичката структура на „Еуромакс“ односно прво судските власти, а потоа и Владата целосно го сменија мислењата и ги преиначија одлуките кои значеа крај за идејата за отворање рудник во струмичко. Затоа, легитимно прашање е дали во овој случај има работа за истражните органи со оглед на развојот на настаните кои некако се поклопуваат со бизнис-планот на Назиф Дестани за „Еуромакс“ и за Иловица.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Мартин Пушевски