fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
kovid 19 e malo dete vo sporedba so klimatskite promeni featured 2

КОВИД-19 е „мало дете“ во однос на заканата од климатските промени

КОВИД-19 е „мало дете“ во однос на заканата од климатските промени

 

a

 

Македонија, Црна Гора и Хрватска не се плашат доволно од гневот на природата   

Опасноста е тука

Пандемијата на КОВИД-19 на површина ги извади сите мани во државите од регионот, но и пошироко, при обидот на краток рок да се мобилизираат сите ресурси и институции за справување со здравствената и со економската криза предизвикана од заразата. Сепак, поради брзината на зголемување на бројот на заболени и жртви, КОВИД-19 стана приоритет број еден. Најверојатно истата важност во изминатиов период ќе ја добиеше и заканата од климатските промени доколку, во изминативе години, починатите во поплави, временски непогоди, ерозии, од инфаркти и од мозочни удари поради екстремните температурни разлики се водеа како жртви на овој феномен.

Нашето истражување во Македонија, во Хрватска и во Црна Гора покажа дека никаде нема класификација на жртви од климатските промени, иако Светската здравствена организација веќе пресметала дека тие се причина за 150 000 загубени човечки животи годишно во различни делови од светот. Економските штети веќе се мерат во милијарди евра.

Очекувани предизвици и закани од климатските промени во Македонија, Хрватска и Црна Гора

 

  Пораст на средната годишна температура на воздухот

  Зголемување на бројот на денови со климатски екстреми (суши и обилни врнежи)

  Зачестена појава на поплави

   Намалување на водните ресурси, издашноста на изворите и на водостоите на реките

  Промена на вегетацискиот период кај земјоделските култури и намалување на приносите

  Зголемување на потребата од вода за наводнување

  Намалување на снежните покривки

  Зголемување на пожарите поради зачестена појава на сушни периоди

Пораст на смртноста на населението предизвикана од климатските екстреми

Негативно влијание врз биодиверзитетот


Анализата на стратегиите, националните известувања и планови во однос на климатските промени за трите земји е, всушност, како да се чита истиот документ со различни параметри. Сите се соочуваат со многу слични закани и предизвици од климатските промени.

Уште поважно е што е во нив утврдено дека климатските промени веќе предизвикуваат сериозни негативни последици во повеќе области, а за нивното влијание усогласени ставови имаат претставниците на надлежните институции и на научната фела.

Вишња Гргасовиќ, началничка на Секторот за климатска политика при хрватското Министерство за економија и одржлив развој, смета дека веќе сите ги чувствуваат последиците од климатските промени.

Во Стратегијата за прилагодување кон климатските промени во Хрватска за периодот до 2040 година со поглед до 2070 година  се наведува дека Хрватска е меѓу трите европски земји со најголеми штети по бруто домашниот производ од временски и климатски непогоди. Сепак, тоа не ги спречува хрватските власти да дозволат „бетонирање“ на крајбрежјето на Јадранското Море, што дополнително го зголемува ризикот од поплави.

daria povh„Поплавите во крајбрежните градови на Република Хрватска станаа почести во последните 10 години, а сѐ повеќе и повеќе крајбрежни градови се изложени на поплави. Климатските промени се причина, но не се единствената причина за зголемената фреквенција на поплавите. Бетонирањето што е во тек во крајбрежните области и изградбата во непосредна близина на морето значително ги зголемуваат сите негативни последици од климатските промени“, вели Дариа Повх Шкугор, раководителка во сплитискиот Центар за регионални активности на програмите за приоритетни акции при Обединетите нации.

Таа неодамна учествуваше во изработка на студија во која се даваат проценки на можните штети од подигнувањето на нивото на морето во Хрватска и во која се опфатени трошоците и користа од навременото приспособување.

Се бетонира и крајбрежјето на Црна Гора, иако и оваа земја е изложена на зачестени поплави коишто предизвикуваат огромни штети. Климатските промени таму се манифестираат и со големи суши, со кои жителите се соочуваа неколку години по ред (2017, 2018 и 2019 г.). Сушите значително влијаеја врз водостоите на поважните реки и езера и имаа негативни последици по рибарството, земјоделството и енергетскиот сектор.

Зачестени поплави и суши во Црна Гора

Сушите во Црна Гора зачестија од 1990 година наваму. Забележани се четири големи суши во периодот 2003 – 2011 година. Сушата од 2011 година стана општествен и економски предизвик којшто ја погоди целата земја бидејќи доведе до хидролошки дефицит во регионите Зета и Бјелопавлович, коишто се најголеми земјоделски подрачја во Црна Гора.

Црна Гора доживеа три големи поплави (2007, 2009 и 2010 година). Штетите од поплавата во 2010 година изнесуваа 44 милиони евра (1,4 отсто од бруто домашниот производ).

До крајот на 21. век се очекува намалување на годишните врнежи до 27 отсто.

  Според проекциите, годишната температура во земјата ќе се зголеми од 1,5 до 2 степени Целзиусови до 2040 година.


Извор: Трет национален извештај на Црна Гора за климатските промени

Слични проблеми со интензивни сушни периоди и поплави има и во Македонија. Во земјава веќе имавме неколку големи поплави со голем број жртви и уште поголем број уништени домови и обработливо земјоделско земјиште. Проблематично е што кај нас, но и во Хрватска и во Црна Гора, многу малку се зборува за тоа дека екстремно високите температури на воздухот, особено кај повозрасните лица, се директно поврзани со бројот на смртни случаи предизвикани од кардиоваскуларни или респираторни заболувања.

ordan cukaliev 200x250 1„Ние сме сведоци на болни екстремни појави, како, на пример, кога поплавите однесоа човечки жртви. Мораме да сме свесни дека тие буични поплави кај нас ги има и ќе ги има, и тие ќе бидат посилни. Сушите ќе бидат појаки. Не можеме тоа да го избегнеме, но мораме да направиме сѐ за да се заштитиме, во смисла на исчистени сливни корита, запирање на сечата итн. Системот мора да помага за побезболно да ги поминеме негативните екстреми. Во земјоделието исто така. Ќе има промени, а ние мораме да ги предвидиме и да работиме на нив. Колку повеќе ќе се зголемува температурата толку екстремите ќе бидат сѐ почести и посилни, поизразени“, вели Чукалиев.

Ивица Милески, професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, потенцира дека промени во климата има откако е создадена земјата, но сега имаме антропогени промени и тие се многу побрзи.

„Во последните 200 години, има антропогени промени предизвикани од човечкиот фактор коишто природно би се одвивале во многу подолг период. Би биле потребни десетици илјади години за да има таков ефект. Втора работа зошто тоа не се препознава е затоа што имаме некои екстреми, на пример, се случува во зимскиот период да имаме екстремно ниска температура или снежни врнежи и тогаш постојат уверувања кај луѓето дека еве, не е толку дека се загрева климата. Но, кога ги согледуваме просечните температури, просечните врнежи, кога ќе ги споредиме, сосема е јасно дека има значителни, да не кажам, драстични промени на климата“, вели Милески.

Повеќе на темата
Апокалиптични сцени од климатските промени во Македонија
Многу хартија, малку акција за климатските промени во Црна Гора

Парите – енигма

Во ниту една од трите земји не се знае колку точно пари се одвојуваат за борба против климатските промени, што укажува на паушалност и некоординираност меѓу институциите. Одговорот од Црна Гора е дека за оваа намена се спроведуваат проекти вредни десетици милиони евра, а во Македонија – дека е тешко да се даде конкретен одговор на тоа прашање.

Во земјава не постои ниту централизиран систем за автоматско прибирање податоци за добиената странска поддршка за борба против климатските промени. Во документот од проектот „Трет двогодишен извештај за климатските промени“ стои дека во последните две години е работено врз проекти вредни над 25 милиони американски долари.

Вишња Гргасовиќ, началничка на Секторот за климатска политика при хрватското Министерство за економија и одржлив развој на Хрватска, исто така вели дека е тешко да се одговори на прашањето колку точно пари од буџетот се одвојуваат за климатските промени.  Во однос на помошта од странство, таа вели дека ЕУ-фондовите имаат битно значење.

Повеќе министерства во Македонија би требало да спроведуваат проекти коишто, на еден или на друг начин, се поврзани со борбата против климатските промени.

kovid 19 e malo dete vo sporedba so klimatskite promeni background 9

Дел од парите за годинава биле пренасочени за справување со кризата од Ковид-19, а други воопшто не испланирале пари за оваа намена.

Министерството за економија годинава првично доби 54 милиони денари за Програмата за промоција на обновливи извори и поттикнување енергетска ефикасност во домаќинствата. Меѓу проектите за борба против климатските промени се најдоа доделувањето пари за вградување сончеви колектори, за ПВЦ или алуминиумски прозорци, субвенции за купување печки на пелети, за набавка на инвертер клима-уреди, но најголемиот дел од нив не ја видоа светлината на денот.

„Министерството за економија ја реализира само мерката ʼнадоместување на дел од трошоците за купени и вградени печки на пелети во домаќинстватаʻ,  за која субвенции добиле 454 баратели, во вкупен износ од 10.740.000 денари. Со оглед на настанатата ситуација со КОВИД-19, другите мерки предвидени со Програмата не беа реализирани, од причина што средствата беа пренаменети за потребите за справување со последиците од кризата“, информира Министеството за економија, од каде што очекуваат дека чекор напред ќе се направи со проектот за производство на електрична енергија од фотоволтаици, за што веќе се склучени договори со повеќе компании.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство тврдат дека преземаат низа мерки за заштита.

„МЗШВ во своето поле на делување посветува големо внимание и презема сериозни мерки во насока на заштита на земјоделските површини од влијанието на климатските промени. Притоа, средствата не можеме да ги одвоиме како посебна ставка во буџетот за проекти за заштита од климатски промени, бидејќи не се така дефинирани, но затоа, пак, имаме сет од различни мерки што се креирани во насока на ублажување на последиците од климатските промени. Се работи за мерки и тековни активности кои опфаќаат подолг временски период (2 – 5 години)“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека годинава првпат, со 60 милиони денари, се извршува авионско засејување на облаците со реагенсот „сребрен јод“ за заштита од град и негово претворање во дожд. Преку програмата ИПАРД 2, обезбедени се пари за инвестиции во основни средства на земјоделските стопанства, а од Министерството, како проекти за заштита од климатските промени, ги наведуваат и новите брани на Оризарска Река, Браната Конско, ХМС Равен-Речица, браната на Слупчанска Река, изградбата на неколку пречистителни станици и наводнувањето на јужната долина на Вардар (проект од 17 милиони евра).

„Како посебен проект го наведуваме проектот на ФАО во соработка со МЗШВ и Управата за хидрометеоролошки работи „Зголемена отпорност – издржливост на земјоделскиот сектор преку промоција на паметни климатски земјоделски пракси“, којшто започна минатата година во ноември и ќе трае две години, заклучно со ноември 2021. Вредноста на проектот изнесува 280.000 УСД“, посочуваат од Министерството.

Во Министерството за здравство годинава нема пари за оваа цел.

„Во буџетот предвиден за Министерството за здравство во 2020 година нема одвоено средства за проекти против климатските промени. Министерството за здравство, при вршење реконструкции и градби на нови објекти, секогаш се стреми функционирањето на објектите да не биде врзано со енергенси што загадуваат“, одговараат за „ДОМА“ од ресорот, посочувајќи ја, меѓу другото, како пример замената на котелот за греење во гинеколошката болница во Чаир, која предизвикуваше големо загадување, а сега се грее на природен гас.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека кај нив нема проекти што однесуваат на климатските промени, но појаснуваат дека за сите проекти што се работат мора да има изготвен проект за заштита на животната средина.

„При реализација на кој било инфраструктурен проект, во фазата на проектирање мора да се изготви Проект за влијание врз животната средина, со што се дава прецизна информација како идниот проект би влијаел врз животната средина и климатските промени“, појаснуваат од Транспорт.

На прашањето кои институции во Хрватска се одговорни за климатските промени, Гргасовиќ вели дека Министерството за економија и одржлив развој има некаков вид на координативна задача за климатските промени, во врска со мерките за ублажување на климатските промени и приспособувањето кон климатските промени.

„Нашата улога тука е всушност да ги охрабриме и да ги инспирираме целосните јавни власти и на национално и на локално ниво да спроведат мерки, како и истражувачките институции, граѓанското општество, академската заедница – за сите да гледаат во таа насока“, додава таа.

Сепак, кога се во прашање финансиите за климатските промени, Хрватска отскокнува во однос на Македонија и Црна Гора поради постоењето Фонд за еколошка заштита и енергетска ефикасност, во којшто се слеваат пари од загадувачите. Неговата улога во однос на климатските промени во детали ја објаснува Нирвана Франковиќ Михељ, раководителка во Фондот.

Повеќе на темата
Се менува перцепцијата за климатските промени

Науката на последно место

Во трите земји, научниците укажуваат дека е потребно да се одвојат многу повеќе финансиски средства за истражувања врз база на коишто би се носеле заклучоци. Во голем број случаи тие се принудени да пишуваат сценарија за иднината базирани врз воопштени претпоставки, иако регионот веќе бележи екстреми чие игнорирање може скапо да нѐ чини многу побрзо отколку што сакаме да мислиме.

daria povh„Ако ме прашате дали државата издвојува доволно средства за научни истражувања од областа на климатските промени, одговорот не е тежок. Знаеме ние колку средства  Република Хрватска издвојува за науката. Сепак, верувам дека науката за климатските промени и нивните последици на глобално ниво напредна во голема мера и дека е време да се примени стекнатото знаење на локално ниво. Улогата на науката во донесувањето одлуки треба да биде значително поголема. Постои итна потреба да се намали јазот помеѓу она што го знаеме и она што го правиме. Тука навистина ги гледам научниците во првите редови во борбата против климатските промени, но во малку поинаква улога отколку што сме навикнале“, вели Шкугор.

Таа додава дека популаризацијата на науката, ширењето и разбирањето за тоа што се случува по ова прашање и каде води тоа треба да биде задача број еден на секој одговорен научник, како во Република Хрватска така и пошироко.

„Улогата на науката во националните, во регионалните и во локалните стратегии, планови и секојдневни одлуки треба јасно да се согледа и да се препознае. Последен момент е да се вклучи науката во управувањето со јавниот сектор. Постојат средини за кои научниците изработиле вредни планови, студии и анализи, коишто стојат затворени во фиоките. Таквите носители на одлуки би требало да одговараат за тоа. Гласачите се оние кои можат и треба да ги повикаат на одговорност. Оттука, одговорот за климатската криза е кај сите нас. Сите би требало да се запрашаме дали разбираме што се случува и што правиме во врска со тоа“, вели Шкугор.

Македонските научници укажуваат дека користат податоци од странство бидејќи домашните не им се достапни.

Професорот Милески вели дека државата ја става науката на последно место.

„Од друга страна, гледаме дека се јавуваат крупни проблеми, крупни глобални предизвици и развиените држави, дури и со КОВИД-от, сфатија дека неопходно е извонредно поголемо вложување во научни истражувања за колку што е можно да се намали негативниот ефект на климатските промени и сето она што тие го носат врз живиот свет. За такви истражувања потребни се бројни мерни инструменти, потребни се специфични истражувања во различни периоди. Неопходни ни се податоци и од речиси сите метеоролошки станици во нашата држава за да може да се споредат состојбите и да се надгледуваат“, вели Милески.

КОВИД-19 покажа колку се ранливи државите кога е потребно да се реагира набрзина. Доколку не се одвојат доволно ресурси за борбата против климатските промени што секојдневно се случуваат пред нашите очи, нивниот интезитет континуирано ќе се зголемува. Науката веќе нѐ предупреди, а вниманието со кое ќе ги слушаме научниците е наша одговорност.

Повеќе на темата
Ни недостасуваат многу мерења за климатските промени

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

 

Уредник: Владо Николоски
Новинари:
Мартин Пушевски(МК), Катерина Топалова(МК), Александра Мудреша(ЦГ), Влатка Корен(ХР)
Сниматели: Марко Петровиќ (ХР), Иван Поповиќ (МК), Слаѓан Фатиќ (ЦГ)
Монтажери: Борче Крстевски (МК), Костадин Атанасов (МК), Срѓан Стојановиќ (ЦГ)
Фотографија: Томислав Георгиев
Веб развој и адаптација: Дарко Малиновски
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска

Сподели