fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
koj ke prezeme odgovornost za vladinoto pu pu ne vazhi za ilovica featured 2

Кој ќе понесе одговорност за владиното „пу, пу, не важи“ за „Иловица“?

Еден месец, две различни одлуки. Едната за спојување на двете концесии за рудникот „Иловица-Штука“, а другата за престанок на важењето на истата одлука. Македонската Влада, во стилот на „Доктор Џекил и господинот Хајд“ за кус период направи лупинг од 360 степени во постапката за овој случај. Првата контроверзна одлука за спојување на концесиите како информација не беше доставена до медиумите, но беше објавена во Службен весник и предизвика бурни реакции и протест во Струмица. Само што слегна прашината од неа, премиерот Димитар Ковачевски и неговиот тим направија чекор назад и ја повлекоа одлуката којашто самите ја донесоа.

koj ke prezeme odgovornost za vladinoto pu pu ne vazhi za ilovica 2

Владата без прецизни одговори на повеќе прашања поврзани со рудникот „Иловица“

Тоа отвори многу прашања: Зошто првично беше донесена одлука за спојување на концесиите, за што отпосле министри во Владата тврдеа дека не биле доволно информирани кога одлучувале? Дали и какви информации доставил министерот за економија Крешник Бектеши кои влијаеле врз промена на владината одлука? Врз база на кои аргументи е одлучено дека спојувањето на концесиите треба да биде поништено? Дали министерот за економија треба да понесе одговорност за овој ролеркостер за „Иловица“?

Молк за можната одговорност на Бектеши

„ДОМА“ побара одговори од Владата за овој случај. Од Владата велат дека одлуката за спојување на концесиите е променета откако била претставена целосната хронологија на постапките за доделување на концесиите на „Еуромакс“.

„Владата ја разгледа информацијата со хронологија за постапките за доделување на концесиите за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, Општина Босилово и Општина Ново Село на друштвото за производство, промет и услуги „ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје“, со прилози, поднесена од Министерството за економија. Информацијата беше и образложена на седницата“, велат од Владата.

Од Владата молчат на прашањето за можната одговорност за Бектеши, кој за последната владина одлука рече дека има политичка позадина, што само по себе ја става под прашање валидноста на понудената аргументација и му дава адути на „Еуромакс“ при евентуална арбитража.

„ДОМА“ до Владата испрати сет прашања за случајот „Иловица“ – од аргументацијата врз основа на којашто е донесена новата одлука за поништување на спојувањето на концесиите до тоа дали ќе се бара одговорност од Бектеши кој рече дека последната одлука на Владата има политичка позадина. Од прес-службата само делумно одговорија на нашите прашања и сè уште има отворени дилеми кои треба да добијат разјаснување.

Прашања кои останаа неодговорени од Владата
  1. Кои се аргументите за новата одлука и дали се доставени нови информации врз основа на кои Владата се премисли и одлучи поинаку?
  2. Дали е точно тврдењето на министерот Бектеши дека оваа одлука има политичка позадина и дали тој треба да сноси политичка одговорност, имајќи предвид дека Владата за само еден месец го менува мислењето?
  3. Дали треба да се искористат механизмите коишто им стојат на располагање на институциите за раскинување на концесиите поради истечените рокови да се исполнат обврските?

Иако Владата во одговорот до „ДОМА“ се фали со зголемена транспарентност, сепак, што се случувало на седницата на којашто беше донесена првичната одлука за спојување на концесиите останува тајна. Оттаму велат дека според Деловникот на Владата не може да ги споделат стенографските белешки од седницата, туку, на јавноста и се ставаат записниците за усвоените владини одлуки. Ама, на интернет-страницата на Владата и до ден денес ја нема седницата од 27 јуни.

Принт-скрин од веб-страницата на владата каде се гледаат објавените седници и соопштенија, но недостасуваат записниците од последните седници.

Владата тактизира со објавувањето на записниците од владините седници

„Еуромакс“ се заканува за тужби, активистите бараат одземање на концесиите

Според еколошките активисти од Струмичката котлина повлекувањето на одлуката за спојување на концесиите за „Иловица“ е само делче во мозаикот. Тие бараат целосно укинување на концесиите, бидејќи според Законот за минерални суровини се создадени услови за такво нешто откако изминаа роковите за добивање дозвола за експлоатација.

„За првата концесија, „Еуромакс“ имаше максимален законски рок од 2012 до 2016 година да поднесе валидно барање со сите изрично наведени услови за добивање дозвола. За втората концесија, пак, „Еуромакс“ никогаш не побара дозвола за експлоатација, ниту судски ја обжали некогаш. Таа концесија после максималниот законски рок истече во јануари 2020 и со оглед на фактот што „Еуромакс“ нема поднесено никакво барање за дозвола за експлоатација, согласно Законот за минерални суровини, денес Министерството за економија нема апсолутно никакви пречки да ја одземе. Толкувањето на Бектеши за некакви нови рокови за доставување документи е сосема произволно и незаконски.“, велат од „Здрава Котлина“.

„Еуромакс“ продолжува да се заканува со покренување арбитражна постапка и со лицитирање со суми на отштета којашто ќе ја наплатат од државниот буџет по евентуалниот правен спор. Откако Владата ја објави одлуката во Службен весник, тие веќе ги информирале инвеститорите на берзата во Канада каде што котира компанијата за поништеното спојување на двете концесии, „Иловица 6“ и „Иловица 11“.

Компанијата смета дека ваквата одлука не е базирана на правни аргументи и соопшти дека повторно ќе бара спојување на концесиите. Најавувајќи дека ќе направи сѐ за да ги заштити инвеститорите, меѓу кои се „НД Груп“ на Назиф Дестани од „Еколог“, потоа , „Галена“, ЕБОР и „Ројал Голд“, „Еуромакс“ навестува покренување постапки поради, како што тие сметаат, арбитрарната постапка на Владата.

koj ke prezeme odgovornost za vladinoto pu pu ne vazhi za ilovica 3Сите инволвирани страни може да бидат предмет на директни правни дејствија доколку во легална процедура се покаже дека новата одлука е во спротивност со позитивните законски прописи на Република Северна Македонија, или е политички мотивиранa, соопшти „Еуромакс“.

Активистите и правниците кои деновиве анализираа за „ДОМА“ како несериозни ги оценија заканите од „Еуромакс“ за покренување меѓународна арбитражна постапка за наплата на отштетно побарување. Но, оттаму предупредија дека преку изјавите на министерот за економија Бектеши се подготвува терен преку арбитража да се извлечат пари од државниот буџет што го полнат сите граѓани.

„Крешник Бектеши во говорот многупати спомена политичка одлука на Влада, што е точно она што му треба на Дестани за да бара отштета. Оваа директна местенка и саботажа на државата од страна на министер за економија ќе биде во фокус на „Еуромакс“ во медиумите и ќе се користи понатаму. Повлекувањето на одлуката за спојување на концесиите не е политичка одлука, туку дискрециона одлука на Влада којашто го фатила Бектеши во манипулациите со додавањето на дополнителната точка на седница на Влада и ќе дојде време Бектеши да одговора.“, велат од „Здрава Котлина“.

Министерот за економија Бектеши на прес-конференцијата на којшто обелодени дека Владата ја поништила сопствената одлука за спојување на концесиите рече дека е тоа политика одлука со којашто тој не се согласува, но ќе ја почитува.

Продолжува институционалниот пинг-понг

Министерството за економија тврди дека со последната одлука на Владата, постапката се враќа каде што беше и претходно, бидејќи „Еуромакс“ сè уште има концесии за рудникот. Тоа значи дека за првата, којашто Управниот суд и ја врати на компанијата треба да почне нова постапка за добивање дозвола за експлоатација. Управниот суд годинава ја „бутна“ одлуката што ја донесе Владата на поранешниот премиер Зоран Заев за раскинување на договорот за концесија поради некомплетна документација. Ваквиот развој на настаните следуваше по влезот на Дестани и на „НД Груп“ во проектот.

За втората концесија е веќе истечен рокот за добивање дозвола за експлоатација, на што можат да се повикаат надлежните и да одлучат да ја раскинат концесијата.

Ама, за да се превенира потенцијална правна постапка против државата, Бектеши смета дека е подобро да има спојување на концесиите, а во меѓувреме надлежните институции да донесат акт со којшто ќе докажат дека рудникот ќе ја уништи животната средина.

kreshnik bekteshi 300x300 1„Ние денеска не поседуваме никаков акт како Министерство за економија дека е одбиено некое решение, некој елаборат, дека имаме некое негативно мислење во последните 15 години во делот на заштитата на животната средина врз основа на коешто би донеле предлог-одлука да се раскине договорот со инвеститорот. Нашиот предлог е да се повикаме на аргументот „заштита на животната средина“ како најдобра опција, да се донесе акт со кој ќе се утврди дека одредена потенцијална инвестиција е спротивна на стандардите за заштита на животна сртедина.“, изјави Бектеши.

Министерката за животна средина, Каја Шукова, пак, смета дека на потег е Министерството за економија, а не ресорот што таа го предводи. Според неа, нема ништо спорно во тоа што Владата за еден месец го промени сопственото мислење.

kaja shukova 300x300 1„Не е ништо невообичаено еден министер во Владата да побара одредена одлука повторно да се разгледа, тоа се направи на последната седница на Владата. Министерот за економија убаво го образложи целиот процес што се случувал од 2005/2006 година, ова е очигледно долг процес и ја поништи одлуката за спојување на концесиите“, изјави Шукова.

Институционалното тактизирање не може вечно да трае – „Еуромакс“ најавува повторно барање за спојување на двете концесии, активистите бараат нивно трајно одземање, а тоа го прави просторот за маневар многу ограничен. Доаѓа време кога Владата конечно мора да се пресече за судбината на планираниот рудник во Струмичката котлина.

 

Оваа содржина ја подготви Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски