Нови правила на валканата игра
Повикувајќи се на постапно и што побрзо укинување на зависноста на Европа од увоз на руска енергија, ЕУ го усвои планот REPowerEU, со којшто се предвидува поинтензивно воведување обновливи извори на енергија и зголемување на енергетската ефикасност, во склад со амбициозната цел, декарбонизација на енергетскиот сектор и климатски неутрален континент до 2050 година. Со забрзување на постапката за издавање дозволи, потенцијално административно се олеснува и деградацијата на природата и загрозувањето на локалните заедници. Со оглед дека државите на западниот Балкан се членки, кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, политиката на унијата е релевантна и за нивните национални законодавства.
Во REPower планот на Европската комисија, бавните и сложени постапки при издавање дозволи се претставени како главна пречка при почнувањето револуција на подрачјето на обновливите извори на енергија и при постигнувањето конкурентност на енергетската индустрија. Во планот се наведува дека различното траење на постапката за издавање дозволи во различни држави е доказ дека националните правила и недостатокот од административни капацитети ја отежнуваат и забавуваат еколошката револуција. Така е занемарена функцијата на комплексноста на постапките на проверка на планираните проекти, како и важноста на јавниот интерес, коишто со нив се штитат. Затоа, во Препораката државите се упатуваат на поедноставување на барањата во поглед на проценката на влијанието на животната средина за проекти во подрачјето на енергијата од обновливи извори, како и на интеграција на проценката на влијанието на животната средина со други применливи проценки во поглед на животната средина во заедничка постапка. Земајќи предвид дека постапките за носење еколошки одлуки содржат специјални правни правила регулирани со посебни закони, нивното меѓусебно спојување може да доведе до непознавање на правилата на новосоздадената постапка од страна на учесниците во постапката, пропуштање на роковите и неостварување на целта на постапката: заштита на животната средина.
Со цел поефикасно издавање дозволи, државите би требало да утврдат „најкуси можни“ рокови за сите чекори што се потребни за издавање дозволи за изградба и работа на постројки поврзани со енергија од обновливи извори. Постојните законски регулативи неретко ја попречуваат заинтересираната јавност (јавност врз којашто проектот влијае или е веројатно дека ќе влијае), така што, поради несоодветно известување за донесените одлуки во постапката или непрописно доставување одлуки, ќе изјави правовремени правни лекови и влијае врз крајната одлука за издавање дозвола. Така, новите правни упатства несомнено ќе создадат поголеми предизвици за граѓаните, како и дополнителни бенефиции за инвеститорите. На државите дополнително им се препорачува да воведат правила според коишто изостанувањето одговор од надлежен орган во утврдени рокови резултира со прифаќање на барањето во релевантна фаза од постапката за издавање дозволи (ткн. „позитивно молчење на администрацијата“). На тој начин е обезбеден позитивен исход од постапката и осигурен е интересот на инвеститорот, дури и во случај ако државниот кадар не биде во можност да изнесе масовно издавање дозволи. На крајот, постапките при издавање дозволи заради скратување и поедноставување, според Препораката, целосно ќе бидат дигитализирани, а релевантните информации ќе им бидат достапни на инвеститорите на едно место.
Со оглед на констатираното нужно забрзување на спроведувањето проекти во областа на енергијата од обновливи извори, државите се советувани што побрзо да утврдат соодветни копнени и морски подрачја и да подготват планови за особено соодветни подрачја, таканаречени „главни подрачја за производство на енергија од обновливи извори“. По пат на база за геопросторни податоци за енергијата и индустријата, Европската комисија на државите им става на располагање и дигитално консолидирани збирови на податоци за широк распон од релевантни фактори за утврдување на главните подрачја, а сето тоа заради брзо воведување нови проекти во подрачјето на енергијата од обновливи извори, што во практиката може да води до брзо воведување на реки во цевки. Државите би требало „зоните на исклучување“, врз коишто не можат да се развиваат проекти во подрачјето на енергијата од обновливи извори, да ги ограничат на неопходен минимум. Од државите се очекува и да понудат јасни и транспарентни информации со „втемелено образложување“ за ограничувањата на зоните, засновани на докази и осмислени заради максимално зголемување на достапноста на просторот за развој на проекти. Следствено, државите понатаму треба да осигураат дека убивање или вознемирување поединечни примероци диви птици и заштитени видови, нема да биде пречка за развој на проекти. Ако инвеститорите, само доколку од нив се бара и тоа само според потреба, преземат мерки за ублажување, заради оневозможување на негативното влијание на популацијата на спомнатите видови, убивање или вознемирување на поединечни примероци не би требало да биде сметано како намерно и затоа не би требало да биде опфатено со правни последици, предвидени со национални и меѓународни прописи.
Во Препораката за издавање дозволи, државите се поттикнуваат на рано вклучување на јавноста во управните постапки, со што локалните заедници би имале корист од енергетската транзиција, како и заради зголемување на поддршката и соработката на јавноста. Со оглед дека според Конвенцијата од Архус, како и на заинтересираната јавност, веќе им е гарантирана достапност на информации, учеството на јавноста при носењето одлуки и правото на правна заштита во прашања што се однесуваат на животната средина, изгледа дека Препораката само ги потсетува државите за примена на постојните правила. Контрадикторно, Европската комисија предлага и воведување „начела за енергија од обновливи извори“ како примарен јавен интерес и интерес во јавната безбедност, којшто би обезбедил планирањето, изградбата и работата на постројки за производство на енергија од обновливи извори на енергија, како и нивното приклучување на електрична, гасна и топлинска мрежа, ги исполнуваат условите за најповолна можна постапка за планирање и издавање дозволи. Со оглед на антрополошкото, во науката преовладувачко, сфаќање на еколошките правни норми, природата се штити заради интересите на општеството. Затоа останува недоумица дали со вакво законодавство животната средина навистина е под заштита поради интересите на граѓаните, или, пак, од три навидум рамноправни сегменти на одржливиот развој, економскиот господари над социјалниот и еколошкиот.
Автор: Јелена Јеремиќ
Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.