fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
strumckata kotlina mobilizirana protiv rudnikot ilovica featured

Струмичката котлина мобилизирана против рудникот Иловица

  • Населението е подготвено со жив ѕид да ја брани котлината по одлуката на Владата за спојување на концесиите на „Еуромакс рисорсес“ за отвoрање на рудникот за злато и бакар кај Иловица
  • Иловица и Штука се две села во подножјето на планината Огражден кои се најдиректно погодени од намерата за отворање рудник, но сите струмички села се вклучени во битката за да се борат со оние кои се намерачиле на планината.
  • Инвеститорот притиска за проектот, а Владата уверува дека ќе го слуша гласот на народот, а граѓаните се мобилизираат за масовен протест.

Огорченост и загриженост на лицата на жителите од селата во Струмичката котлина по одлуката за спојување на концесиите на „Еуромакс рисорсес“ за отвoрање на рудникот за злато и бакар кај Иловица. Тие велат дека „ја прочитале“ двојната игра на Владата и на судовите, за кои сметаат дека работат по тактот на ДУИ и на Назиф Дестани од „Еколог“, кој преку „НД Груп“ стана еден од најголемите акционери во канадската фирма. Оттогаш, одлуките на институциите почнаа да се менуваат во негова корист. Сепак, реализацијата на овој проект нема да оди лесно. Населението е подготвено со жив ѕид да ја брани котлината.

Иловица и Штука се две села во подножјето на планината Огражден, со разиграна природа и кротки луѓе. Еден од нив е и 77 годишниот Иљо Малинов. Иако возрасен, сѐ уште е витален и со борбен дух, особено кога ќе се спомне проектот за отворање на рудникот.

strumckata kotlina mobilizirana protiv rudnikot ilovica sogovornik 1„Тука има 600, 700 куќи во двете села, околу над две илјади жители. Ние не сме село, ние сме населено место и рудник на 500 метри нема логика. Намерата не ни е да правиме отпор, туку ќе правиме отпор до крај. Ако има вакви како мене, ако кога ќе се завртам зад мене има фронт, до последниот борец ќе се бориме да не дозволиме рудник тука да се отвори“, вели тој.

Локалците се горди дека нема кој не слушнал за струмичката пиперка, домат, краставица, лубеница, или, како што тие велат – за нашите чушки и френки, чисти, органски и вкусни. Но, рудник и земјоделие не одат заедно.

strumckata kotlina mobilizirana protiv rudnikot ilovica sogovornik 2„Струмица на времето ја хранеше половина Југославија. Сега, кој имиџ ќе го имаме ние со овој рудник? Кој ќе ни го сака производството. И да не биде прскано, кој ќе ни верува нас? Кој? Никој. Значи, сите ќе бидеме осудени на пропаст, земјоделие ќе нема“, вели Кирил Пасков од Штука.

strumckata kotlina mobilizirana protiv rudnikot ilovica sogovornik 3„Погледнете ја оваа градина како е направена, чиста, уредена, непрскана, без хемикалии. Рударство не оди со здраво земјоделие, со органско производство на земјоделски производи. Тоа е невозможно“, вели Дончо Илиев, жител на с. Сушица.

Во сите села во Струмичката котлина главна тема е одлуката за спојување на двете концесии на инвеститорот „Еуромакс“ и прашањето дали тоа значи дека наскоро ќе добие и дозвола за експлоатација. Така е и во Муртино. Иван Заев, роднина на поранешниот македонски премиер Зоран Заев потсетува дека има причина зошто концесијата беше одземена пред неколку години.

„Како ќе го изолираат? Сите села ќе исчезнат за дел од секунда, никој нема да се спаси оти таа брана е 275 метри. Тоа е исто како на главата да ти направат рудник. Во прашање е цела Струмица, не е само Муртино“, вели Иван Заев кој е член на Здружението „Мир, слобода и солидарност“.

 

strumckata kotlina mobilizirana protiv rudnikot ilovica 1

Над селата ќе никне 276 метри висока брана

Референдуми, блокади, протести, раскината концесија во 2019, судски постапки, враќање и спојување на концесиите –  приказната за рудникот наликува на возење на ролеркостер. Археологот Милена Зафирова од Иловица вели дека се изморени од живеењето во страв.

strumckata kotlina mobilizirana protiv rudnikot ilovica sogovornik 7„Се бориме со корпорации, со профитери, со политичари, луѓе коишто се намерачиле на планината и сакаат да ни го земат и она што малку го имаме, да ни ги земат планината, водите, реките, бавчите. Веќе седум години живееме во неспокој и тотален стрес, во страв дека ќе ни се уништи светот и сѐ што сме граделе тука со огромна љубов. Луѓето се исплашени, гневни, доаѓаат мајки и бабички, се тресат и плашат, викаат готово ќе се отвори рудникот, каде ќе живееме под ова хидројаловиште, викаат ние немаме стоено до нешто толку големо, 276 метри висока брана и тие тука како ќе спијат со децата под тоа чудовиште? Такво нешто нема на свет, ова е највисокото хидројаловиште во светот, го нема ниту во Америка, Канада, Кина, никаде на светот. Зошто да им веруваме на оние што криеја студии низ годините, притискаа, корумпираа. Праксата докажа дека не се за верување, јас ги замолувам да си одат со убаво ако не сфатија во изминативе седум години зашто ние нема да отстапиме ниту педа, ќе се бориме до последен здив, последна капка крв и пот“, вели Милена Зафирова, археолог од с. Иловица и активист од „Здрава котлина“.

Откако владејачката СДСМ ја реафирмираше идејата за нов референдум за рудникот, активистите забележуваат дека потегот е задоцнет и требало да се случи пред спојувањето на концесиите, а и народот веќе го кажал своето на претходните граѓански изјаснувања. Тие не го прифаќаат образложението на Министерството за економија дека одлуката на Судот им ги врзала рацете.

strumckata kotlina mobilizirana protiv rudnikot ilovica sogovornik 4„Управниот суд наведува јасно дека барањето за спојување на концесиите се отфрла, а Владата во најбрз можен рок го прави првото нешто што не е ниту напишано од Управниот суд дека треба да се право. Тоа апла покажува дека е врзано со огромен криминал, дека што поскоро треба да се завршат одредени работи откако влезе „Еколог“, да се изгланцаат и подмачкаат тие работи за што поскоро да дојде до давање дозвола за експлоатација на база на спојката на двете концесии и за започнување со работа на рудникот“, вели Стојан Велков, активист од „Здрава котлина“ и советник во општина Босилово.

Владината одлука за спојување на двете концесии којашто следуваше по пинг-понг партијата помеѓу Управниот и Вишиот Управен суд и конечната пресуда во корист на „Еуромакс“ ја прели чашата. Струмичката котлина се мобилизираше. Почнуваат протести и блокади, се појавуваат нови иницијативи.

strumckata kotlina mobilizirana protiv rudnikot ilovica sogovornik 5„Ние сме категорични дека тој рудник не треба да се отвори и нема да дозволиме да се отвори од проста причина, бидејќи директно и индиректно не гонат од нашите живеалишта, каде што сите имаме формирано свои семејства и сакаме да останеме овде“, вели Иван Спасов, еколошко друштво „Белог“.

strumckata kotlina mobilizirana protiv rudnikot ilovica sogovornik 6„’Рудникот на смртта’ носи милиони отрови и милиони работи коишто ќе ја уништат нашата котлина. Ако не сакаат да не послушаат, ние сме подготвени на радикална борба. Нема откажување, ако треба и ќе гинеме за ова зашто се работи за нашите животи овде“, додава Давид Златанов, „Ја штитам Беласица“.

Од она што го видовме на терен деновиве по владината одлука и додека се организира протестот, нема човек, без разлика на возраста кој не е огорчен.

„Младите сме вклучени во овој отпор затоа што ние таму ќе живееме, едноставно нема таму кој по нас да дојде. Сега можеби народот е пасивен зашто не се излезени штетните последици на виделина, убаво им е на тие што им даваат пари, викаат има добар живот и имаме пари ама џабе се пари кога ќе немате храна и вода“, вели Мики Крстев, „Младите на Иловица и Штука“.

strumckata kotlina mobilizirana protiv rudnikot ilovica 2

Приказната за Иловица е далеку од завршена, иако пред неколку години беше дадено ветување за ставање крај на рудниците на смртта

„Еуромакс“ охрабрен од одлуката на Владата и судските пресуди бара надлежните институции без одлагање да овозможат реализација на инвестицијата. Во спротивно, најави арбитражна постапка за огромни пари – вкупните штети кои потенцијално ќе се наплатат од Буџетот на Северна Македонија изнесуваат повеќе од 1 милијарда евра, без пресметани камати.

Инвеститорот притиска за проектот, Владата уверува дека ќе го слуша гласот на народот, а граѓаните се мобилизираат – станува јасно дека приказната за Иловица е далеку од завршена, иако пред неколку години беше дадено ветување за ставање крај на рудниците на смртта.

Струмичката котлина важи за земјоделски крај од каде што се прехранува цела Македонија. Но, локалните жители сега живеат во страв дека ќе им се уништи родот. Решени се по ниту една цена да не дозволат отворање на рудникот и не веруваат во најавите дека ќе се применуваат најсовремени практики. Не сакаат азното да оди за некој друг, а тие да ги трпат последиците од тешката индустрија.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска