- Најчести природни непогоди кај нас се пожарите, поплавите и свлечишта, но и земјотресите, одроните, лавините, сушите и топлотните бранови.
- Најголеми природни катастрофи во нашата земја со бројни човечки жртви се земјотресите во Валандово, Скопје и Дебар, лавините во долината на Радика и Кавадарци, поплавите во Шипковица и Скопје и молњата во Берово.
- Системот за управување со кризи вклучувајќи ја заштитата и спасувањето се зрели за целосно реструктуирање.
- Општините немаат доволно капацитети за проценка на ранливоста и за адаптација на сопствената инфраструктура кон заканите од климатските промени кои доведуваат до природни непогоди.
Неконтролираните природни сили кои ја загрозуваат животната средина, животот и здравјето на луѓето, материјалните добра, животинскиот и растителниот свет и културното наследство се нарекуваат природни непогоди.
Кај нас, најчести природни непогоди се пожарите, поплавите и свлечишта, но и земјотресите, одроните, лавините, сушите и топлотните бранови.
Според записите, најголеми природни катастрофи кои нашата земја ги преживеала и однеле бројни човечки жртви се земјотресите во Валандово (1931), Скопје (1963) и Дебар (1967), лавините во долината на Радика (1956) и Кавадарци (1956), поплавите во Шипковица (2015) и Скопје (2016) и молњата во Берово (1996).
Додека се бројат сите човечки жртви однесени од природните непогоди, системот за заштита и спасување сè уште се соочува со проблеми. Ресурсите се намалуваат, а стратегиите остануваат само на хартија. Оваа игра помеѓу живот и ресурси го става системот на предизвик. Тоа го покажаа и двата најсвежи примери од оваа недела – пожарите, за кои дури по неколку дена тапкање во место на нашите служби се побара меѓународна помош за нивно гаснење и хаваријата на системот за снабдување со електрична енергија, која повеќе од 12 часа остави голем дел од Скопје без струја по кусото но силно невреме.
Дали може да се најде начин да се подобри координацијата и да се обезбедат доволно ресурси за ефикасно справување со непогодите?
Професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје вели дека самата појава можеби не може да се спречи, но, последиците од појавата во смисла на катастрофален настан, на огромни штети, може до некаде да се превенира.
„Доколку се одржуваат чисти канали за дренажа на вишокот на вода, атмосферска канализација, внимателна изградба на патишта и друга инфраструктура, осетлив терен кој што е евентуално подложен на свлечишта. Понатаму, внимателност во изградба на објекти во терени кои што се знае дека може да бидат зафатени со огромни поплави. Асеизмичко градење во терени кои се подложни на сеизмички ризик. Некои од овие појави се смета дека со климатските промени ќе бидат многу позачестени во иднината. Тоа се главо тие атмосферски непогоди, атмосферски и хидролошки непогоди. За разлика од литосферските, како што се земјотресите и вулканите за кои немаме докази дека нивната фреквенција се зголемува, повеќе е дека медиумите почесто јавуваат за нив, па се добива таков впечаток. Но, веќе има докази дека честите и силни пожари, фреквенцијата им е драстично зголемена, потоа поројните поплави, претераната ерозија, драстично се зголемуваат и затоа треба соодветна подготвеност на институции да реагираат на вакви настани“, објаснува Милевски.
Општините немаат капацитет за проценка, а нема ниту координација
Први во справувањето со природните непогоди во земјава се локалните самоуправи кои работат според План за заштита и спасување од природни непогоди. Кога нивните капацитети ќе се исцрпат, што и најчесто се случува, на терен стапува Дирекцијата за заштита и спасување, а Центарот за управување со кризи ги координира активностите.
Во „Анализата на екстремни временски настани“, Центарот за климатски промени заклучува дека општините во земјава немаат доволно капацитети за проценка на ранливоста и за адаптација на сопствената инфраструктура кон заканите од климатските промени кои, пак, доведуваат до природни непогоди.

Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени вели дека нивната анлиза на неколку различни аспекти во однос на подготвеноста – буџетите, плановите за заштита и спасување, плановите за реакција во случај на кризна ситуација, покажале дека многу малку средства општината определува прво за превенција, а потоа и за одговор во случај на вакви природни непогоди, односно природни катастрофи.
„Тоа е едниот аспект на силите. Другиот аспект се човечките ресурси. На локално ниво постојат протоколи. На својата територија секоја општина има изработено план за реакција во случај на природни катастрофи. Меѓутоа, и тука не се вклучени само општинските работници, туку се вклучени територијалните противпожарни единици, исто така, брза помош, Јавните здравствени установи, Црвен Крст, други доброволни друштва за заштита и спасување, па и за противпожарна заштита. Во секоја општина организираноста е на различно ниво и на различен начин. Она што изостанува е координацијата. Според нас, општината нема доволно капацитет за координација на сите тие различни чинители, бидејќи не се сите институции и затоа често пати се доведува до ситуација да по закон прво треба градоначалникот да истапи и да реагира, да одговори во таков случај, а доколку не успее да се снајде побара помош од следната истанца, Дирекцијата за заштита и спасување, и најчесто завршуваме така, не успеаваат сами да се справат најголем дел од општините, барем во овие неколку ситуации досега се вклучуваат и силите, односно вработените од ДЗС, и тоа не само тие што делуваат на локално и регионално ниво, туку до централно ниво“, вели Станојевска Пецуровска.
Многу се важни првите минути на несреќата
Дирекцијата за заштита и спасување е последната институција во национални рамки кој реагира при елементарни непогоди. Тие ги покриваат сите мерки кои што се пропишани според Законот за заштита и спасување и се во постојана координација со локалните власти.

Но, со 4,5 милиони евра годишен буџет, од кои 65 проценти се за плати, директорот на оваа Дирекција, Беким Максути вели не можат да ја обезбедат соодветната опрема.
„Она што би сакал тука да го нагласам е тоа дека заштитата и спасувањето не треба да почнува и да завршува само со Дирекцијата за заштита и спасување. Согласно законските прописи, секоја општина, секое место на население и заедница се обврзани да формираат свои екипи за првично да реагираат. Затоа што многу е важно првата реакција. Многу се важни првите минути на несреќата. Тие се одлучувачки фактор како ќе се развиваат настаните понатаму. Дали ќе успееме да спасуваме што е можно повеќе луѓе во тие моменти, да го стишиме пожарот во тие први минути да не се прошири на други места, или ќе чекаме да помине времето и да можеме да се справуваме на многу потежок, поболен и поскап начин. ДЗС има буџет од околу 4,5 милиони евра на годишно ниво, каде што 65 проценти од тие средства се за плати на вработените. Другите средства, поголемиот дел оди за осигурување и одржување на авио одделението, и може да замислите колку малку средства остануваат за други работи. Тоа е за набавка на опрема и ред друг работи со кои што можеме да ги покриеме сите можни предизвици“, вели Максути.
Центарот за управување со кризи е институцијата која ги координира и следи активностите при справувањето со природните непогоди. Драги Тарчуговски вели дека системот за управување со кризи вклучувајќи ја заштитата и спасувањето се зрели за целосно реструктуирање.
„Оваа институција е оформена пред 19 години и веќе е зрела за сите анализи, што е тоа што треба да се измени и дополни во системот за кризен менаџмент. Така што е тема на разговор да се реструктуира системот за управување со кризи, во кој правец ќе оди тоа ќе го оставиме на следниот период, бидејќи тој би требало да се оствари најверојатно до крајот на оваа година, евентуално на следната. Целосна реконструкција на системот за управување со кризи вклучувајќи ја заштитата и спасувањето, можно е нивно интегрирање како посебна структура, или нивно интегрирање во Министерството за внатрешни работи или Министерството за одбрана, но, за тоа ќе кажат анализите што и како е подобро“, објаснува Тарчуговски.
Неопходна многу поголема соработка на институциите
Според анализите и прогнозите, бројот на природни непогоди и катастрофи се зголемува, а со нив и штетите. Затоа, како што сугерира професорот Милевски од Институтот по географија при ПМФ, неопходно е институциите да се подготват за справување со овие предизвици и да ги намалат последиците.

„Пред сè е неопходна многу поголема соработка на институциите, на соодветните институции кои што се поврзани со климатски промени и природни непогоди, со истражувачите. Јас сум сигурен дека има доста истражувања, модели и сценарија за ризик од одредени појави, но, за жал, тоа останува често во рамките на самите истражувања или во научните институции. Треба да се направи едно обединување на сите тие резултати што ги има. Од друга страна, спомнав, ме радува фактот што се изработи многу добра студија за природни непогоди во просторниот план на РСМ, со кој што се убаво третирани, детално наведени сите можни опасности, можни потенцијални природни непогоди и како најлесно и најдобро да се направи справување со нив. Се надевам тоа наскоро ќе излезе во форма на просторен план каде што е студијата и мерките соодветни на она што ќе станува сè поактуелно. Сите сценарија укажуваат дека во наредните 10-15 години, природните непогоди ќе станат мошне актуелни. И сега се актуелни, но нивната фреквенција уште повеќе ќе зачести. Така што, сето она што ќе ни даде идеја каде може да се појават, во кои услови, со каква изградба, на какви објекти може да се активираат одредени природни непогоди, сето тоа треба да се земе предвид, или во шумски појаси, соодветни, тоа веќе е и пракса, да има соодветни патеки, патишта за пробивање на противпожарни единици доколку е потребно за гаснење на шумски пожари, соодветна опременост за авиони, гасначи на пожар, сето тоа треба да биде на соодветно ниво за да навистина излеземе најдобро што може подготвени во наредниот период од 15-20 години, за да се направи одредена превенција, или пак, да се реагира строго навремено пред да се рашири самата природна непогода и да доведе до жртви, штети итн“, вели тој.
Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени, пак, смета дека е важно да имаме подобра координација на национално ниво, односно државата да ги приоретизира овие активности како важни.
„И тоа не како активности кои што ќе се однесуваат на обезбедување на соодветен одговор, туку на превенција. Ние не сме свесни дека стогодишна вода може да ни се случи за многу краток период, а нашиот систем е димензиониран за последниве 50 години, вообичаено така се димензионираат. За жал, тоа мора да се промени. Начинот на кој се спроведуваат ДУП-овите, на кој што се носат планските документи, на кој што се изведуваат работите, мораме да ги провериме и сѐ појасно, постриктно да интегрираме вакви мерки кои што ќе значат и отпорност но и заштита. Тука се секако критичната инфраструктура, друг вид на инфраструктура. Мора да се прават, согласно новите трендови. Тоа мора да се менува во склад со сето она што ни се случува“, порачува таа.
Она што е важно е дека секој од нас има улога во превенцијата – од нашиот начин на живот до енергетската потрошувачка. Во меѓувреме, мора да се интегрираат мерки за превенција и адаптација кон новите состојби, како топлотните бранови и екстремните временски настани, за во иднина да го избегнеме соочувањето со зголемување на штетите и човечките жртви од природните непогоди.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Ангела Рајчевска
Сниматели: Наке Батев, Иван Поповиќ, Љубомир Домазетов,
Фотографии: Дарко Андоновски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Поврзани стории
Македонија е неподготвена за климатските промени
Не сакаме да ги видиме доказите за климатските промени во Македонија
Отпорноста на климатски промени за Скопје останува само желба
Балканот и Македонија се на патот на циклоните кои поради климатските промени добиваат сила
Еколошкиот холокауст е безбедносна закана за која не сме подготвени
Зелената агенда „црвенее“ во Западен Балкан – плановите се само на хартија