10 митови и факти за малите хидроцентрали во Македонија

Пандемијата на изградба на мали хидроцентрали која започна пред неколку години, никако да запре во Македонија….

Пандемијата на изградба на мали хидроцентрали која започна пред неколку години, никако да запре во Македонија. Секоја нова влада, одново ја започнува и ја продолжува оваа трагедија за животната средина. Изградбата на малите хидроцентрали ги уништува речните системи, остава неповратни последици врз природата, го менува начинот на живот на заедниците и го загрозува животот на локалното население.

Секогаш политичарите и инвеститорите (кои често се исти луѓе кои ги менуваат улогите) користат едни исти аргументи за ја продадат идејата за малите хидроцентрали (МХЦ). Еве кои се објаснувањата за тие митови.

Да, доколку се споредат со големите водени акумулации наменети за производство на електрична енергија, малите хидроцентрали немаат толку широко влијание врз пределот и пејзажот. Но, самите мали хидроцентрали имаат централизирано, интензивно влијание, што каскадно може да се прелее и низ многу други екосистеми, па дури и да го загрози животот на локалното население. Најчесто користениот метод за изградба на мали хидроцентрали значи внесување на водниот тек во бетонски цевки (бајпаси) со што оставаат големи делови од оригиналниот тек на реката сув дури неколку километри. Она што останува од вода, надвор од цевководот – вода што треба да го задоволи т.н. биолошки минимум речиси никогаш не е доволна за потребите на живиот свет во реките и ова многу често води до ефект на мртви реки. 

mitovi za mhc 1 1024x683 1
Водата од реките преку цевки се носи до турбините што е сериозна закана за живиот свет

Да, точно е дека овој систем на хидроцентрали го има низ цела Европа, не но и во региони со критично количество на вода како Македонија.
Сите планови за мали хидроцентрали низ Македонија се фокусирани на најважните еколошки точки, најчесто во високите планински предели. Овие места речиси секогаш се важни подрачја за заштита на биолошката разновидност.
Македонските реки се полни со ендемизам, особено високите планински потоци и притоки и секоја промена на водниот статус ќе води до исчезнување на бројни познати и непознати животински видови.

Водата што ги напојува реките и потоците на кои се планираат малите хидроцентрали има огромна сезонска зависност и нестабилност. Оваа вода најчесто доаѓа од сезонските снежни и глацијални топења и сезонските врнежи – со голем интензитет на пролет и минимален до никаков преку летото и зимата.
Климатските промени низ целиот регионот од година во година ги зголемуваат периодите на суша и ги менуваат хидролошките циклуси. Веќе сè почесто, некои реки и потоци остануваат постојано суви во текот на годината, особено во високите партии на тековите. Во периоди кога едноставно има малку вода или воопшто нема вода – хидроцентралите мора да се затворат или пак да преземат уште повеќе вода наменета за живиот свет.

Многу е тешко да се процени т.н. значаен економски напредок што го носат овие електрани во Македонија – особено кон локалните заедници. Кај нас, сите МХЦ се во сопственост на приватни инвеститори и фирми кои веќе докажано се поврзани со политичките елити кои ја овозможуваат параправната постапка за одобрување на овие системи.
Работните места што ги нудат се минимални – краткотрајни работни договори при изградба како и 1-3 вработени лица севкупно по централа како одржувачи.
Локална заедница за ова добива уништен пејзаж, многу често уништени и онака малкуте патни правци од страна на тешката механизација при изградба на централите, како и многу загадување со прашина.

mitovi za mhc 6 1024x683 1
Долината Лешница е едно од најубавите места на Шар Планина која сега е големо напуштено градилиште

Со изградбата на МХЦ, се губи огромен туристички потенцијал, бидејќи целосно се губи природноста на пределот.
Долгорочно, локалното население добива трајно уништен предел и намалено количество на вода што може да се користи за напојување, земјоделство и туризам.

Главниот мотив на Европските енергетски политики и одржливоста, а не обновливоста по која било цена.  Европските политики, особено Европската Рамковната Директива за води, Директивата за живеалишта и иницијативата за реки – го потенцираат значењето на зачувување на речните екосистеми, а не нивна експлоатација. Во Македонија, плановите за изградба на МХЦ дури вклучуваат и нивна изградба во заштитени или потенцијални заштитени подрачја, дел од нив Натура 200 мрежата.  Европската енергетска заедница, јасно се изјасни за проблематичноста на новите планови за развој на МХЦ низ целиот регион на Западен Балкан – поради недостиг на транспарентност и недоволно истражени последици.

Во Македонија многу малку или речиси воопшто не се врши постојан мониторинг и пресметки за јаглеродниот отпечаток на секторите во индустријата. Иако МХЦ делуваат како инертни, сепак нивната изградба и делување и тоа како добива значаен еколошки отпечаток. Секако, ова е неспоредливо со отпечатокот од фосилните горива, но кога се дебатира на ова ниво – мора да се земат сите аспекти. Изградбата на МХЦ, особено на оние во низа, количеството на цемент, изградбата на пристапни патишта, цевководи, пропратна инфраструктура – како и сечата на шума за нивна изведба – сето ова создава огромно количество на јаглерод, што секако не ги прави целосно еколошки.

Во Македонија, но и во регионот, количеството на енергија што доаѓа и што би доаѓало од МХЦ во реалноста е минимално, но и непредвидливо. Многу е тешко да се направи систем на МХЦ кој би дал добра cost benefit стратегија во која МХЦ би биле добра инвестиција. МХЦ и нивната ефикасност директно влијае врз флуктирачката природа на планинските речни системи, што секако не ги прави добра, долгорочна инвестиција.

mitovi za mhc 5 1024x683 1
Лешница е непрепознатлива по градежните работи за изградба на „Пена 84“

Во Македонија, слабиот и често корумпиран државен апарат за зачувување на животната средина досега во неколку наврати се покажал како слаб да ја зачува животната средина. Многу често, најголемите опасности врз природата дошле токму од оние лица и институции задолжени за нејзино зачувување.
Целиот процес на создавање на МХЦ – од давање дозволи, продажба, субвенции, контрола и уредување – сиот систем е опкружен со корупција, партизација, криминал и злоупотреба на јавни средства. Во неколку наврати дури и надлежниот инспекторат за животна средина, јавно има нагласено дека немаат ниту основни ресурси (како теренски возила) да ги следат овие МХЦ, а уште помалку некој друг поголем авторитет при нивното работење.

МХЦ во Македонија ги успоруваат речните текови, ја прават речната вода потопла и позагадена. Оние делови од реката кои се по поставените цевки за напојување на електраната поради пад на водениот столб, стануваат потопли, а со тоа се зголемуваат микробиолошките процеси во нив, што пак води до намалување на количеството на слободен кислород во водата. Ова директно води до помор на водниот свет. Со ставање на цевководот се нарушува природниот систем на транспорт на седимент со што се зголемува ерозијата во долните делови на реката. Бидејќи државата не може да го набљудува постојано количеството на минимален биолошки проток на вода, често недостатокот на вода ја прави и таа малку вода загадена.

mitovi za mhc 2 1024x683 1
Успорувањето на речниот тек ја прави водата потопла и позагадена

Многу често политичарите, ја употребуваат ова компаративна фраза како мотивација да ги оправдаат своите одлуки. Но, состојбата не е ни блиску иста за споредба.

Да, точно во Западна Европа може често да се сретнат МХЦ. Но, тие се системи стари најмалку 50-тина години и често се поставени на веќе постоечки вештачки или сериозни историски уредувани реки и канали. Овие канали биле употребувани за транспорт, за стари млинови и мелници или како вода за индустриска употреба. Во Македонија пак, МХЦ се планираат на чисти и диви реки, често во подрачја со огромни природни вредности. 

Речиси не постои ниту една изградба на нова МХЦ која до сега не биле пресретната од протест или блокади од локалната заедница. Скоро секогаш овие граѓански протести биле репресирани со закани, уцени или оценети како политички конструкции. До сега ниту една заедница во Македонија, не ги пречекала плановите со отворени раце.

Ова се фактите. Друга вистина нема. Стоп за изградба на мали хидроцентрали во Македонија!

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Автор: Кирил Арсовски Пржо

Фотографии: Архива на Дома

Поврзани стории

Со изградбата на мали хидроцентрали ќе ги исечат вените на Кожуф

Кој сè го нагрдува ликот на Кожуф?

Багерите што ја јадат Шара се повторно гладни

Водата како извор за енергија кај нас е (зло)употребена

Еколошкиот холокауст е безбедносна закана за која не сме подготвени

 Влијание на мали хидроцентрали

Малите хидроцентали се уништувачи на природата

Потсетување на проблемот на малите хидроцентрали на Балканот: Битката кај Ракита

Малите хидроцентрали се убиство за реките

Мали хидроелектрани – непроценливи штети и сладок профит

Милионери на наша сметка

Мали хидроцентрали, големи тајни

Малите хидроцентрали и локалниот биодиверзитет

Неосновано кријат колку наши пари им се исплаќаат на малите хидроцентрали

    Поврзани приказни