- Субвенции постојат од 2007 година, но државата нема точни податоци колку се искористени – особено во руралните средини.
- Жителите на село тешко доаѓаат до субвенции поради сложени процедури, недостапни информации и недоверба во институциите.
- Големи енергетски проекти се лоцираат во сиромашни општини, но без директна корист за локалното население.
- Невладините организации велат дека е потребна теренска комуникација, локални посредници и поддршка за граѓаните да аплицираат.
- Зелената транзиција е во тек, но ризикува да биде „за елитата“ ако не се направи подостапна и инклузивна за сите.
Иако помош и мерки од државата за населението да користи обновливи извори на енергија се дава од 2007 години наваму, надлежните немаат точни податоци колку помош по општини е поделена и колку купената опрема и натаму се користи. Според невладиниот сектор кој работи со луѓе од руралните средини, помошта што ја дава државата за обновливи извори и за енергетска ефикасност најчесто е несоодветна, луѓето се слабо информирани или им е потребна преобемна документација за да ги добијат субвенциите.
Од друга страна, има општини во кои државата преку државната компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) вложува во изградба на обновливи извори на енергија, како што е ветерниот парк во Богданци, но самата општина нема ниту мерки ниту проекти за директна помош на населението.
Од Општината велат дека од објектите за производство на електрична енергија од обновливи извори спроведен е оној за паркот на ветерни електрани на ЕСМ во Богданци и фотонапонски панели кои се поставуваат на покрив по барање на правни и физички лица.
„Општина Богданци со свои средства нема реализирано проект за изградба на објект за производство на електрична енергија од обновливи извори. Општината нема донесено мерки за помош на локалното население за користење на обновливи извори на енергија. Општината редовно организира чистење на диви депонии и отстранувње на отпад. Јавните објекти во општина Богданци немаат инсталирано објекти за производство на електрична енергија од обновливи извори“, велат од Општина Богданци.

Од податоците што Дома ги доби од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, од 2007 година заклучно со 2023 година, со стимулативната мерка за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинства субвенционирани се 9.300 домаќниства.
„На овие домаќинства им се обезбеди поврат на дел од средствата кои ги потрошиле за купени и вградени сончеви колектори до 30 %, но не повеќе од 300 евра во денарска противредност, а исплатени се повеќе од 120.000.000 денари од Буџетот. Согласно направените анализи, со оваа мерка се постигнати заштеди на финална енергија од 981 (MWh) мегават часови годишно, а намалувањето на емисии на јаглерод диоксид е 897 тони на годишно ниво“, велат од Министерството за енергетика.
Камен-темелник на најголемиот ветерен парк во Македонија
Во близина на општините Штип, Карбинци и Конче неделава беше поставен камен-темелник за како што се најавува, најголемиот ветерен парк во државата, инвестиција вредна над 500 милиони долари. Ќе се простира на површина од 326 хектари и ќе опфати изградба на 55 ветерници со капацитет за снабдување на 100.000 домаќинства, а проектот, кој го реализира компанијата „Алказар енерџи“.
Според најавите, овој ветерен парк ќе произведува околу еден терават – час електрична енергија годишно. Според македонската Влада, тој треба да придонесе за енергетската безбедност и исполнување на обврските за зелена транзиција, особено во контекст на новите регулативи на ЕУ. Според плановите, ветерниците ќе станат функционални во 2027 година, со проектиран животен век од 30 години.
Субвенции за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија за сопствена поштрошувачка, според податоците од Министерството за енергетика, рударство и миниерални суровини, во 2021 и 2023 година доделени се на 120 домаќинства, за што се исплатени десет милиони денари.
За клима – уреди лани дадени се над 106 милиони денари
Друга стимулативна мерка, според Министерството за енергетика која е реализирана од 2018 до 2021 година се субвенициите за набавка на печки на пелети, која ја искористиле 2.819 домаќинства, а на кои од Буџетот им се доделени над 7,7 милиони денари.
Од Министерството за енергетика и за оваа мерка не добивме податоци во кои општини е доделена оваа помош, со објаснување дека таа е делена претходно од Министерството за економија, во чиј состав беше секторот енергетика, а тие како новоформирано Министерство засега можат да ги дадат само овие податоци.
Од Министерството за енергетика велат дека лани со програмата за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата и со програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија доделиле ваучери за купување и вградување на високоефикасни инвертер клима уреди, а за тоа кому треба да се доделат ваучерите работеле комисии од Министерството за економија и труд.

Од Министерството појаснуваат дека ваучерите ги поделиле лани во октомври во соработка со Агенцијата за вработување, со тоа што во Скопје тие биле поделени во спортскиот центар „Борис Трајковски“, во Битола во спортската сала „Боро Чурлевски“, а од останатите делови на земјата граѓаните ваучерите ги подигнале во Министерството за енергетика. За оваа мерка одобрени биле 4.590 ваучери, а биле искористени 4.435. За нејзина реализација исплатени се 106 милиони денари.
„Лани со Програмата за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата беа доделени ваучери во вредност од 25.000 денари во бруто износ по домаќинство, со вклучен данок на додадена вредност, за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди, на домаќинствата кои живеат на територијата на општините на Пелагонискиот регион, односно Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени и општините на Југо-Западниот регион или во Вевчани, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа и ваучери во вредност од 23.000 денари во бруто износ по домаќинство, со вклучен ДДВ, за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди, на домаќинствата од останатите региони: Скопскиот , Источниот, Југоисточниот регион, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот регион“, појаснуваат од Министерството за енергетика.
Дополнително на ова, лани се доделени и ваучери во вкупна вредност од 42 милиони денари за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди на ранливи потрошувачи на енергија. За оваа мерка биле одобрени 1.592 ваучери, а искористени се 1.495.
„Со Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија беа доделни вредносни ваучери во вредност од 27.000 денари за категориите самец, двочлено и трочлено семејство и вредносни ваучери во вредност од 30.000 денари за категориите четиричлено, петчлено и повеќечлено семејство, во бруто износ по домаќинство, со вклучен ДДВ, за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди“, посочуваат од Министерство за енергетика.
Но, од Министерството не добивме податок колку средства се доделени по години за набавка на инвертер клими, освен оние за минатата година, во чие доделување учествува и ова Министерство.
„Со оглед на тоа дека беа доделени вкупно 6.182 ваучери, тоа значи дека вкупно 6.182 домаќинства беа покриени со ваучери (само еден ваучер по домаќинство). Досега не се реализирала мерка за доделување на субвенции за набавка на топлотни пумпи, од наша страна“, велат од Министерството за енергетика.
Во руралните средини помошта за обновливи извори на енергија малку се користи
Од Здружение за рурален развој „ЛАГ Агро Лидер“ велат дека земјоделството, како една од носечките економски дејности во руралните средини во Македонија од обновливи извори засега користи само 30 отсто во производството.
„Земјоделството е еден од главните потрошувачи на енергија во руралните средини, каде доминира употребата на нафтените деривати, за земјоделските машини и загревање на оранжериите. Тие учествуваат со 63 отсто. Потоа следи употребата на геотермалната енергија за загревање на оранжерии, која учествува со 27%, потоа е употребата на електричната енергија со 7% и на крај биомаса која учествува со 3%“, ни изјави Даниела Цветаноска, претседателка на Здружението за рурален развој „ЛАГ Агро Лидер“.
Таа објаснува дека потрошувачката на енергија во овој сектор од жител е околу трипати помала од потрошувачката во развиените европски земји, и дека обновливите извори на енергија, кои се лесно достапни во руралните области, во најголема мера, се неискористени и најчесто претставуваат отпад од самиот процес на производство.

Цветаноска објаснува дека од 2009 година, во рамките на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за првпат се воведе мерка со која се поддржуваат инвестиции за производство и користење на обновливи енергии во рурални средини во висина од 18 милиони денари.
„Целта на оваа мерка е употребата на алтернативни извори на енергија во руралните средини за да се намали потрошувачката на електрична енергија, да се заштитат шумите од неконтролирано сечење и да се заштити животната средина, односно намалување на ефектите на стаклена градина кои придонесуваат кон глобалното затоплување. Со оваа мерка, се поттикнуваат инвестиции во конструкција и опрема за производство и употреба на обновливи енергии на земјоделско стопанство, особено за инвестиции во изградба и опремување на објекти за постројки, за производство и дистрибуција на обновлива енергија на фарма, притоа употребувајќи ги обновливите извори на енергија како ветер, особено на планински пасишта, вода, геотермални извори, како и енергија од биомаса влучително слама, отпадно дрво и биогас“, истакнува Цветаноска.
Според неа, иако и Фондот за иновации и Министерството за економија претходните години објавуваа повици за поддршка на проекти за обновливи извори тие во руралните средини слабо се користат, а вклучувањето на руралните средини во енергетските заедници, што е предвидено со Националниот план за енергетика оди многу бавно.
„И покрај многубројните ратификувани Конвенции и протоколи за обновливи извори на енергија, сепак, општините немаат акциони планови или општински стратегии за воведување на различни форми на обновливи извори, особено во земјоделството. Населението од руралните средини, иако има некои формални можности не ги користи. Многу граѓани не се информирани за достапните повици, субвенции и проекти. Во повеќето рурални општини, институциите не организираат доволно јавни промоции или инфо-сесии. Општинските веб-страници се ретко ажурирани, а дел од жителите немаат редовен пристап до Интернет. Многу луѓе дознаваат за можности само усно, што значи дека информацијата не стигнува до сите“, вели Цевтаноска.
Таа додава дека има и бариери за аплицирање, односно дека е потребна документација и капацитет коишто многу рурални домаќинства го немаат.
„Аплицирањето за субвенции бара административно познавање, кое многу луѓе го немаат. Во руралните подрачја нема доволно советници или техничари, кои ќе им помогнат на домаќинствата во избор, инсталација и користење на обновливи извори. Дополнително, недостигаат обучени локални инсталатери и техничка логистика“, вели Цветаноска.
Дел од мерките според Цветановска се несоодветни во руралните средини, бидејќи во повиците често има услов за кофинансирање или прво да го набават и инасталираат уредот, а потоа да аплицираат за субвенција. Според неа, многу семејства, особено ранливите и маргинализираните семејства не се во можност да кофинансираат со свои пари, па после да чекаат повраток на средства.
„Друга пречка е што луѓето немаат доверба во институциите и често сметаат дека ‘само одбрани добиваат’, па не се ни обидуваат да аплицираат. Иако државата веќе неколку години спроведува мерки за поттикнување на обновливи извори на енергија, нивната реална достапност и искористеност во руралните средини останува ограничена. Мерките, како што се субвенциите за инсталација на сончеви колектори, печки на пелети или мали фотоволтаични системи, се достапни во рамки на програмите за рурален развој и преку поддршка од Министерството за економија. Сепак, голем дел од населението во руралните заедници не ги користи овие можности“, вели Цветаноска.
Според Здружението за рурален развој ЛАГ „Агро Лидер“ речиси и да не се објавуваат официјални бројки за искористеност на мерките по региони.
„Но, теренските податоци и нашето искуство на терен покажуваат дека само мал дел се од руралните домаќинства кои најчесто користеле помош се земјоделци кои аплицирале на мерки од ИПАРД, но и таму бројот е сведен на минимум. А националните програми и програмата за рурален развој кои поддржуваат обновливи извори се непостојани и нема континуитет во објавување, и во имплементација“, вели Цветаноска.
Помош за зелена транзиција преку проекти за прекугранична соработка
Мерки за поттикнување да се користат обновливи извори на енергија јавните установи и општините можат да искористат и преку проекти финансирани преку ИПА-програмите или преку Светската банка. Овие проекти најчесто се реализираат преку надлежните министерства во нивните годишни програми или зависно од договорот преку проектна единица на Министерството за финасии.
Од Министерството за локална самоуправа велат дека во рамки на нивните надлежности имаат реализирано повеќе проекти за воведување обновливи извори, кои се финансирани преку нивните програми и во соработка со други институции како и дел преку програмите финансирани од ЕУ фондовите.
„Поддршката за проекти, вклучително и за проекти од ваков тип, МЛС ја реализира преку тековните годишни програми кои се рализираат преку сопствениот буџет, како што е Програмата за рамномерен регионален развој, Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамки на планските региони, како и преку проектите и програмите финансирани од ЕУ-фондовите или други надворешни партнери, а кои во помал процент се ко-финансирани од страна на Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој и општините, како што е проектот Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, потоа проектот Јакнење на општинските капацитети за спроведување на проекти, ИНТЕРРЕГ ИПА – Програмите за прекугранична соработка“, велат од Министерството за локална самоуправа.
Преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ реализирани се низа енергетски ефикасни проекти во повеќе плански региони: во Ресен, во Специјализираната болница во Отешево е извршена целосна реконструкција на објектот за подобрување на здравствените услуги и условите за рехабилитација; во Југоисточниот регион, фотоволтаици се поставени на основни училишта и спортски објекти во Радовиш, Конче и Василево; во Охрид и Струга, преку енергетски реконструкции и поставување соларни панели во ЈЗУ „Кардиологија“ и ЈЗУ „Нефрологија“, се создаваат услови за развој на здравствен туризам.
Кичево инвестира во соларна енергија и енергетска ефикасност во јавните институции
И во Општина Кичево има вложувања во зелена транзиција преку инсталирање на соларни енергетски системи во образовните и јавните институции, како во урбани, така и во рурални средини.
Од општината за Дома велат дека досега се поставени фотоволтаични панели на зградата на општинската администрација, во средните училишта ОСУ „Мирко Милески“ и ОСУ „Дрита“, како и во основните училишта: ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“, ОУ „К. Ј. Питу“, ОУ „Санде Штерјоски“ и ОУ „Р. Р. Зајази“.
Соларна енергија веќе се користи и во спортските сали „Јанчица“ и „Христо Узунов“, како и во спортските објекти во селата Стрелци и Грешница. Фотоволтаични системи се инсталирани и во детските градинки „Олга Мицеска“ и „Далендушет“.
Во моментов, во тек е поставување на нови соларни панели во повеќе основни училишта: ОУ „Фаик Коница“ во Бачишта, ОУ „Ѓ. Ѓ. Скендербег“ во Србица, ОУ „Милто Гура“ во село Црвивци, ОУ „Р. Р. Зајази“ во Долно Строгомиште, ОУ „Наим Фрашери“ во Туин и ОУ „Христо Узунов“ во Другово.
Покрај тоа, изминатите шест години Општина Кичево субвенционирала и 200 инвертер клима-уреди за домаќинствата, со што придонела за намалување на загадувањето и подобрување на енергетската ефикасност во заедницата.
„Општината има реализирано повеќе проекти во согласност со зелената транзиција, како изградба на пречистителна станица, набавка на канти за селекција на отпад за 1500 домаќинства, како и замена на системите за греење со топлотни пумпи во двете средни училишта – ОСУ ‘Мирко Милески’ и ОСУ ‘Дрита’ – со што се напуштени постојните нееколошки системи на нафта“, велат од Општина Кичево.
Дополнително, мерки за зголемување на енергетската ефикасност се спроведени и во основните училишта „Р. Р. Зајази“, „Д-р Владимир Полежиноски“ и „К. Ј. Питу“.
Во моментов, вкупно 12 јавни објекти во Кичево користат соларна енергија преку инсталирани фотоволтаични системи, што претставува значителен чекор кон одржливи енергетски решенија и намалување на зависноста од фосилни горива, потенцираат од општината.
Дополнително, во рамки на прекуграничната соработка со Грција, Србија, Косово и Албанија, се реализирани бројни зелени проекти – од фотоволтаици на училишта и градинки во Бутел и Чаир, до поставување соларни системи во Струга за поддршка на одржлив туризам.
Преку ЕУ – програми се спроведени и проекти како Green Inter E-mobility, Green Energy, GEMS, CBCEcoKid и Green Heat, со кои е подобрена енергетската ефикасност на јавните згради и зголемено користењето на обновливи извори на енергија. Овие проекти претставуваат конкретен чекор кон зелена транзиција на локално и регионално ниво.
„Воедно, би сакале да нагласиме дека Министерството за локална самоуправа, ги поддржува сите инцијативи кои се во насока на обезбедување услови за ефикасно и непречено функционирање на едниците на локалната самоуправа, вклучително и ваквите проекти за зелена транзиција, односно мерки и активности во насока на подобрување на енергетската ефикасност и воведувањето на обновливите извори на енергија во општините“, велат од Министерството за локална самоуправа.
Реконструкција на општинските објекти со заем од Светска банка
Преку Министерството за финансии, пак, се спроведува Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор со кој преку неколку компоненти се реализираат проекти за подобрување на енергетската ефикасност во општините и во јавниот сектор. Од Министерството велат дека проектот се спроведува преку Единицата за имплементација на Проектот за енергетска ефиксност во јавниот сектор и обезбедени се 10,5 милиони евра за поддршка на проекти во општините и 5 милиони евра за јавните институции.
Средствата за реализација на проектот се обезбедени од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, врз основа на Закон за задолжување. Средствата од заемот се веќе распределени по компоненти, и како што објаснуваат од Министерството за финансии, парите кои се доделуваат на општините 80% се подзаем и 20% се грант-средства, додека пак, средствата за здравствените домови се грант-средства.
„Целта на проектот е подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти и објекти во општините, како и уличното осветлување, за намалување на потрошувачката на енергија и намалување на трошоците за оваа намена“, велат од Министерството за финансии.

Оттаму објаснуваат дека финансиска поддршка е прифатлива за проекти кои вклучуваат мерки поврзани со обвивката на објектот, како што е изолација на надворешни ѕидови, подрум и поткровје или таван, поправка или замена на надворешни врати, поправка или замена на прозорци, оптимизација на прозорци, што вклучува делумна замена на постојни прозорци со ѕидови, притоа водејќи сметка за потребите од дневна светлина.
„Исто така прифатливи се и проекти за енергетски и други системи кои користат енергија: пумпи и вентилатори, соларно загревање на вода, фотоволтаични системи. Списокот на прифатливи мерки за енергетска ефикасност не е ограничен“, велат од Министерството за финансии.
Од Министерството за финансии објаснуваат дека со проектот досега договори за под-заем и грант за замена на уличното осветлување се потпишани со општините Пробиштип, Ранковце и Лозово.
„Делот којшто се однесува на подобрување на енергетска ефикасност во јавни институции, односно во јавно-здравствените установи, се опфатени 18 проекти ,при што во еден објект проектот е веќе завршен, а во 14 се во тек со градежни работи, додека за останатите се чека реструктуирање на проектот со што ќе се обезбедат дополнителни средства“, велат од Министерството за финасии..
Според податоците од Министерството за финансии во тек е одобрување на апликации на проекти за енергетска ефикасност во општините Могила, Центар, Гостивар и Кисела Вода, а овие проекти опфаќаат мерки за енергетска ефикасност во општински основни училишта и административно технички згради, односно општинските згради.
Фотоволтаици во детски градинки предвидени за годинава
Во рамки на Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност, годинава се предвидени два проекти насочени кон енергетска ефикасност и искористување на обновливи извори на енергија.
Така, во Општина Вевчани ќе се постави фотоволтаичен систем за производство на електрична енергија за сопствени потреби на покривот на детската градинка, во Општина Штип, пак, ќе се изгради фотонапонски систем со максимален капацитет од 1 MW, на објектот на општинската јавна установа за деца – Детска градинка „Астибо“, а дополнително, ќе биде поставен фотоволтаичен систем со моќност од 40 kW за потребите на истата установа, објаснуваат од Министерството за локална самоурава.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, пак, велат дека речиси сите општини во државата инвестирале во проекти за зелена транзиција и дека и за годинава се предвидени нови проекти. Особено ја истакнуваат Општина Битола каде во најава има осум нови проекти за оваа година, кои се поврзани со зелена транзиција – од поставување на покривни фотоволтаици до целосна реконструкција на згради и покриви на јавни установи.
Од Министерството за енергетика посочуваат дека вакви проекти ќе се финансираат и со средствата обезбедени од кредитот од Унгарија. Од она што засега може да се каже е дека на првиот повик биле избрани 288 проекти во 80 општини, од кои педесет веќе се во фаза на реализација, а 251 имаат завршени јавни набавки или се во крајна фаза на подготовка. Само за 37 проекти сè уште не е започната тендерската постапка.
Дополнително, 133 милиони денари се предвидени за реконструкција, изградба и модернизација на училишта и спортски сали, како и унапредување на условите за образование. Со оваа одлука се опфатени општини како Гази Баба, Битола, Липково, Боговиње и Кичево, а проектите треба да придонесат кон подобрување на јавната инфраструктура и животниот стандард во локалните заедници.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Елица Бочвароска
Фотографии: Дарко Андоновски
Поврзани стории:
ЕУ ќе ги повлече парите ако до 2026 не го изградиме регионалниот центар за управување со отпад
Зелената агенда „црвенее“ во Западен Балкан – плановите се само на хартија
Биоразградливи кеси кај нас не постојат бидејќи се многу скапи
Не сакаме да се откажеме од пластиката за еднократна употреба
Ѓубрето во Скопје политичарите го гледаат само во предизборни кампањи
„Трошки“ од буџетот за борба против аерозагадувањето
Скопската магла ги проголта ветувањата за еко-држава
Македонија и Србија збратимени и во загадениот воздух
Еколошкиот холокауст е безбедносна закана за која не сме подготвени
Багерите што ја јадат Шара се повторно гладни
Пет пари не даваат за заштита на Водно, Матка, Кале и Гази Баба
Нерегулираните посети на Матка се постојана опасност за пештерата Врело
Нема кој да ги залечи раните од гасоводот на Водно
Конвенциите за природа само ги потпишуваме, а не ги почитуваме

